27.11.2022

Битолчани беа подобри и од екипата на Горица (100:91)

АБА 2 ЛИГА: „Пелистерци“ со „стотка“ и пеејќи се враќаат во Битола

Екипата на Пелистер со победа го заврши настапот на вториот турнир од АБА 2 лигата што се одржува во Сарарво.

ГОРИЦА – ПЕЛИСТЕР       91:100

Кошаркарите на Пелистер со победнички крај на турнирот во Сараево. Во петтиот круг од натпреварите, трет одигран во босанската престолнина, битолчани пред себе имаа рамноправен противник во екипата на Горица.

Но имаа далеку подобар финиш во однос на хрватскиот претставник, па дома во Битола се враќаат и пеејќи.

Јасно и поради што, имаат четири победи во пет натпревари, доволно за приклучок со врвот на табелата и оние екипи кои засега се без пораз.

На помалку од минута до крајот разликата беше само еден посед, а пресудна улога во одличниот финиш на Пелистер имаа двајца кошаркари – Хаџифејзовиќ и Стајиќ.

Босанскиот интернационалец постигна дури десет од своите крајни 24. поени во последната четвртина и беше најзаслужен за пресвртот што го направи македонскиот претставник.

А при резултат (92:89), на 47.секунди пред крајот, Стајиќ постигна мошне важна тројка за +6 (95:89) за Пелистер. Веќе во наредниот, даде уште една, за комплетно задоволство кај „зелено-белите“, сто постигнати поени на збогувањето со Сараево.

Освен клучните тројки, Стајиќ подели и девет асистенции до своите соиграчи. Свој печат на оваа победа, со 22.поени и 8.скока стави и искусниот Караџовски, но и се подобриот Карутерс, кој својот добар настап го заокружи со 24.реализирани поени.