Во петтото коло од групната фаза во регионалното натпреварување, кошаркарите на Работнички се поразени од Сутјеска. На гостувањето во Никшиќ беа конкурентни само во првото полувреме, во кое имаа и висок процент на реализација во шутот од поле.
СУТЈЕСКА – РАБОТНИЧКИ 94:75
Ефикасно прво полувреме одиграа екипите на Сутјеска и Работнички. А по истекот на 20.минути, онаа од Никшиќ се стекна со предност, но не голема, изразена со четири поени (49:45).
Во скратената ротација со која располагаше тренерот Горан Самарџиев (ги немаше репрезентативецот Стојан Ѓуроски и првиот стрелец Имран Полутак), Капетановиќ реализираше 11, а Ефремовски уште 10.поени во тој прв дел од играта.
Но во продолжението, како одминуваа минутите така паѓаше играта на скоппските „црвено-бели“. По три одиграни четвртини, Сутјеска се одвои на двоцифрен плус (71:60).
Немаше доволно енергија во играта на Работнички во тоа второ полувреме, евидентирано и во оној последен период во кој домашната екипа изгради уште повисока предност. Во 35.минута домаќините имаа вишок од 18.поени (83:65), и мирно го приведоа натпреварот до крајот.
Интересно, пет гостински кошаркари имаа двоцифрен број на реализации. Најкорисен беше ефектот на Амар Хот, кој дојде до двоен скор од 12.поени и 13.скока. Најмногу, 18 поени, уфрли новакот Капетановиќ, Ефремовски го следеше со 15, Робев имаше 12, а Дубински уште 10.поени.
По пет одиграни кола, Работнички сеуште е без победа. А во последниот круг од оваа прва фаза, „црвено-белите“, на 18.декември, ќе играат пред својата публика во СРЦ „Кале“ против новосадска Војводина.