20.04.2021

Во првиот четвртфинален меч, Млaдост од Земун многу подобар од МЗТ Скопје Аеродром (95:75)

АБА 2 ЛИГА: По 40.минути во Подгорица, МЗТ Скопје влезе во „хендикеп“ од 20.поени

Слаба одбрана, неинвентивен напад, многу ниска реализација во шутот од поле, и многу примени кошеви.. Тоа е сликата која екипата на МЗТ Скопје Аеродром ја остави на првиот натпревар од четвртфиналето на плеј-офот во АБА 2 лигата, против екипата на Младост од Земун.

Оттука многу тешко, скоро невозможно, ќе им биде на „металците“ на втората пресметка со истиот ривал, на истото место, во салата „Морача“ во Подгорица каде се игра завршниот дел од регионалното натпреварување.   

МЛАДОСТ ЗЕМУН – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ        95:75

МЗТ Скопје Аеродром можеше да биде дури и задоволен на истекот на првото полувреме. Односно 20.минути на лоша игра, кои делумно беа надоместени со неколку добро одиграни напади, по кои со серијата од (8-0) на истекот на полувремето имаа негатива од „само“ 13.поени (39:52).

Претходно екипата од Земун одигра одлично во нападот, особено тоа се однесува на вториот период од играта во кој, по оние (28:19) во првиот,  изградија предност и од 21.поен (52:31) како што стоеше на семафорот по 17.минути од играта на ова прво четвртфинале од плеј-офот во АБА 2 лигата за нашиот претставник.

По пет минути игра од второто полувреме, „металците“ се симнаа и на едноцифрен минус, од девет оени (49:58).

Но таа разлика како да беше уште превисока бариера за избраниците на тренерот Дарко Радуловиќ. Никао не успеваа „сино-белите“ да дојдат под таа негатива која ако ништо друго ќе и донесеше поголеми шанси на оној следен меч.

За два дена, односно веќе во четврток, двете екипи ќе одиграат уште еден меч, по кој ќе биде познат полуфиналистот во оваа сезона од АБА 2 лигата.

Во неколку наврати МЗТ Скопје Аеродром се враќаше на таа негатива. За последен пат на истекот на третата четвртина (58:67).

Но во онаа последната, одново застанаа. Младост Земун тоа знаеше да го искористи, и одново да го удвои тоа и онака солидно водство. Во нецели пет минути од четвртиот период, Младост поведе со (82:63). Потоа и со уште поголеми (90:68), потоа и (93:69) кога останаа да се доиграат 02:30 минути.

И премалку да се поправи првичниот впечаток кој го остави МЗТ Скопје Аеродром во овие први 40.четвртфинални минути од АБА 2 плеј-офот.