12.10.2021

На премиерниот натпревар од новата сезона, МЗТ Скопје Аеродром го совлада Младост од Земун (97:90), утре, од 15.часот, деби на Пелистер

АБА 2 ЛИГА: Победнички почеток на Јадранот за „металците“

Дамјан Робев беше централна фигура во МЗТ Скопје Аеродром на отворањето на новата сезона во АБА 2 конкуренцијата.

Репрезентативниот бек на „сино-белите“ делуваше незапирливо во нападот, реализираше 30.поени (6/7 за три поени), плус и четири скока и две асистенции, имаше одлични секвенци во одбраната. Го водеше својот тим кон првата победа во регионалната конкуренција.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – МЛАДОСТ ЗЕМУН        97:90

Ефикасно прво полувреме одиграа ривалите од ланското издание на АБА 2 лигата. Посебно расположен во првите 20.минути беше Дамјан Робев, стрелец на 15 поени (3/4 за три), кој беше и најзаслужен што нашиот претставник замина со предност од четири поени (49:45) на одморот.

„Сино-белите“ имаа одлични 7/14 од линијата зад 6.75 метри. Тоа им беше дополнителен плус во добрата офанзивна игра.

Доста израмнето продолжија двата ривали во второто полувреме. Иако екипата од Скопје имаше постојано водство, но не повисоко од разликата на полувремето. Разликата беше во поголемиот број на досудени лични грешки на двете страни од теренот, и зголемен број на обиди од линијата за слободни фрлања.

МЗТ Скопје Аеродром се бранеше со зонска поставка, и по 27 минути имаше плус 5, (65:60). Младост одговори со серија (7-0) за промена на водството (67:65), но Робев продолжи да игра репрезентативно. Остана „жежок“, со две тројки ја врти предноста за тимот од Аеродром (71:67). По офанзивниот скок и погодок на Рикиќ, МЗТ Скопје Аеродром го задржа водството, и после 30.минути кошарка на Златибор беше (73:69).

По три и пол минути игра во последниот дел, и тројката на Николов, „металците“ беа поблиску до победата. Поведоа со (80:73). Работите останаа непроменети и на две минути пред крајот. По заслуга на шестата тројка на Робев, и неговиот 28.поен, „сино-белите“ од Скопје имаа идентични, (91:84).

Минута подоцна беше само (93:90), кога тренерот Дарко Радуловиќ потроши тајм-аут за да ја организира играта во последните 60.секунди.

Драматични, откако згреши Вер, па Милошевиќ поправи, макар и од линијата за слободни фрлања. Донесе плус 5, макар и од четири обиди од таа позиција, (95:90). По нереализираниот обид на поранешниот „металец“ Андрија Бојиќ, можеше да почне славењето на нашата екипа.

Утре, од 15. часот, на истото место, битолски Пелистер ќе го има деби настапот во оваа регионална конкуренција. За противник „зелено-белите“ ја имаат екипата на Ловќен од Цетиње.

Својот втор меч во „балонот“ на Златибор, екипата на МЗТ Скопје Аеродром ќе го одигра во четврток, од 21.часот, против словенечкиот претставник Рогашка Слатина.