19.01.2021

На премиерниот меч од вториот „балон“, „металците“ со минималец“ подобри од Хелиос (70:69)

АБА 2 ЛИГА: Победнички почеток на МЗТ Скопје Аеродром во Бања Лука

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го одиграа петтиот меч во регионалното натпреварување. За противник во „балонот“ во Бања Лука,  ја имаа екипата на Хелиос од Домжале.

И нема да го паметат по многу добри работи. Во „меморијата“ ќе остане крајниот резултат, минимален, кој сепак носи два бода на контото во АБА 2 конкуренцијата.

ХЕЛИОС – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ   69:70

МЗТ Скопја Аеродром беше екипата која имаше подобар почеток. Работите на теренот ги диктираше Олуџоби, кој брзо постави доминација во нападот. Ја пробиваше зоната на Хелиос, собра седум реализации кои го поттурнаа нашиот претставник кон водство. Не висока (15:10, потоа и 20:15), но постојана предност имаа „металците“ кои погодија три тројки со 50% на реализација. Затоа и водеа со (23:19), по истекот на првата четвртина.

Во рана фаза од натпреварот, Стојановски и Олуџоби влегоа во проблеми со личните грешки. Но тоа не се „почувствува“ во играта, затоа што Барнет и Магдевски поставија највисоки (34:26) во средишниот дел од четвртината. Но брзо ги загубија. Екипата од Домжале направи серија од (8-0) за нерешени (36:36), по кои тренерот Ѓорѓи Кочов го врати Олуџоби, но и Крстевски кој ја прекина серијата на противникот.

Репрезентативното крило со пет поени иницираше серија во која МЗТ даде десет, не прими ниту еден поен до големиот одмор на кој неговата екипа замина со двоцифрена предност (46:36).

Крстевски беше еден од четворицата играчи на МЗТ Скопје Аеродром кои во тие 20.минути реализираа по седум поени, кои биеја со 50% на успешност за три поени (5/10). И имаа пет скока повеќе во однос на словенечката екипа.

Третиот период од играта и двете екипи ќе сакаат што побрзо да го заборават, затоа што комбинирано уфрлија 22.поени. Но добра вест беше што МЗТ Скопје даде два повеќе (12:10), што високите играчи, Олуџоби и Бојиќ имаа по 12. реализации, и што нашиот тим дури и го зголеми водството на (58:46).

Ништо подобар не беше ниту последниот...

Среќна околност по нашиот тим беа тие +12 поени. Како доволна залиха со која се покрија доста лоши моменти во играта. Сепак, кога капитенот Стојановски на 01:21 минута до крајот ги постигна своите први поени, за (69:62). Изгледаше дека ќе биде многу полесно. Но се излажаа „сино-белите“. Дозволија серија од (7-0) по која на 18. Секунди пред крајот Хелиос стигна до израмнување, (69:69).

Словенците се решија за „брз прекршок“. Го одбраа Мекиќ, кој беше половичен од линијата за слободни фрлања, за (70:69). Имаше Хелиос 16.6 секунди за напад, и за победа, но не им ја донесе Вујасиновиќ.

Во следното, 6. коло, кое е на програмата на 22.февруари, од 13. часот, МЗТ Скопје Аеродром ќе игра против екипата Слобода Ужице.