05.03.2021

Тимот од „Градски парк“ без особени проблеми стигна до убедлива победа против екипата од Никшиќ (84:62)

AБА 2 ЛИГА: Работнички не се предава, ја помина Сутјеска, останува во трката за плеј-офот

Кошаркарите на Работнички стигнаа до првата победа на турнирот во Сараево. По тесниот пораз во македонското дерби со МЗТ Скопје Аеродром, „црвено-белите“ од „Градски парк“ се вратија, и тоа со убедлива победа над екипата на Сутјеска.

Два бода кои ги носат на делба на позицијата 9. на табелата во АБА 2 лигата, пред одигрување на последните четири кола од регуларниот дел од лигата, во кои нашиот претставник ќе се обиде да стигне до една од осумте позиции кои водат во доигрувањето за влез во АБА лигата.

РАБОТНИЧКИ – СУТЈЕСКА   84:62

Одлична и ефикасна прва чегвртина одиграа кошаркарите на Работнички. Предводени од новиот двоец Бундовиќ-Мулалиќ, уште во раната фаза од мечот „црвено-белите“ изградија двоцифрена предност. На истекот на 10.минути имаа (26:16).

На почетокот на вториот период имаа и уште повисоки (31:16), и од тој момент како малку да подзастанаа избраниците на тренерот Димитар Мираковски.

Поточно, помалку безидејно, а со премногу форсирање шут за три поени, но за среќа екипата од Никшиќ не успеа да го казни тоа во целост. Макар што во средината на втората четвртина веќе симнаа половина од тоа водство на нашата екипа.

Со серијата од (10-2), Сутјеска се доближи на (26:33) и го натера Мираковски на минута одмор.

На 2:29 минути пред крајот на првото полувреме.

Но во вистински момент, Питс ја погоди својата прва тројка, и го одби тој напад на Црногорците, за солидна разлика од (37:28). Веднаш потоа, Балмазовиќ постигна уште една (шеста тимска), и го однесе тимот од „Градски парк“ до уште повисоки (42:30) на одморот.

Интересно, Работнички имаше идентични, 11 скока, и исто толку асистенции во тој прв дел од дуелот со Сутјеска. А половина од поените, 20. ги дадоа „внатре“, во рекетот (11.од нив Бундовиќ).

Со две тројки го отвори Мулалиќ второто полувреме, и го донесе Работнички до највисоката предност (50:36). Остана за кратко, затоа што Балмазовиќ, Питс и Бундовиќ додадоа уште шест поени, за највисок плус од 20.поени, (56:36) по 25.минути играње.

Нашиот тим водеше и со (61:36), пред Лаловиќ да го прекине оној неколку минутен период без поени за „сините“. И да отвори серија од (8-0), а тој трет дел од играта да заврши со поени на новакот на Работнички, Торнтон, неговите први поени во новиот дрес, за резултат (63:44).

Последните минути не донесоа некоја битна промена на теренот, освен што тренерот Мираковски се одлучи да му даде повеќе минути на новиот играч, Рајнeр Торнтoн, кој треба да го затвори рекетот, и да донесе помош во одбраната пред четирите средби кои остануваат да се играат во оваа регуларна фаза од АБА 2 лигата. А на најмладиот во тимот, Бошалески, да го направи своето деби во едно вакво натпреварување. Ќе го памети 5.март момчето од Охрид, затоа што ја даде својата прва тројка во АБА 2 лигата.

По девет кола (три службено загубени мечеви), и скор (3-6), Работнички е на делба на 10.позиција на табелата (со екипата на Ловќен).

А во 10.коло, последното во „балонот“ во Сараево, на 7.март (недела) од 12.часот, скопскиот состав се среќава со екипата на Широки.

Овој убав ден за нашата кошарка во регионалните рамки, претходно, го најавија кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром кои го декласираа Ловќен со (96:55).