24.01.2023

Екипата од Тафталиџе поразена од најслабата во второто, според квалитет, регионално натпреварување, на крајот и убедливо (74:91)

АБА 2 ЛИГА: Шенчур го шокираше ТФТ, и го оддалечи од местата кои водат во плеј-офот

Веројатно најслабо издание на ТФТ откако е во регионалното натпреварување. На првиот натпревар од турнирот во Бања Лука, доживеаја вистинско изненадување. Беа совладани од екипата која имаше „нула“ во досегашниот дел од сезоната во АБА 2 лигата.

ТФТ – ШЕНЧУР       74:91

Се што градеа како предност во првото полувреме, кошаркарите на ТФТ го загубија во само три минути, оние последните од планираните први 20.

По тројката на Костоски, негова втора во првиот дел од играта, ТФТ поведе со (35:30). Но дозволи противникот, со евидентно скромни квалитети, и екипа која до вечерва, односно овој „балон“ во Бања Лука, беше без победа во АБА 2 конкуренцијата,  да направи серија од (10-0), и одморот да го дочека со највисоко водство (40:35).

Полувреме во кое во ТФТ погодија само петмина кошаркари (Бишоп и Николов останаа без реализација), а новакот Хотон, остана на клупата. Костоски и Батрик имаа по осум...

Серијата на Шенчур продолжи и по паузата од 15.минути. Словенците поведоа и со (43:35). Нешто подоцна, „жолтите“ имаа и двоцифрена предност од (49:39).

Токму Батрик и Костоски одржуваа резултатски приклучок (44:51) во слабото издание на „црно-белите“ на почетокот на турнирот кој се одржува во Република Српска. Ги погодија сите шест тимски тројки (по три) од вкупно 20.обиди, до првиот прекин на играта (ТВ тајм-аут) во третата четвртина.

Дури во финишот, со мини-серија од (8-1), ТФТ се врати во игра за позитивен резултат. На последниот „мал одмор“, нашиот претставник беше во негатива од „прифатливи“ пет поени, (54:59).

Но ја немаше онаа препознатлива игра на ТФТ на овој натпревар, во кој се чини дека ги загубија и оние минимални шанси за позиција која води во доигрувањето за место кое води во АБА лигата.

По осум одиграни натпрвари, ТФТ има скор од две победи и шест порази. Во наредното 9.коло, четата на тренерот Боро Смилковски ја чека дуел со екипата на Широки, закажана е за 26.јануари, од 15.часот, исто така во слата „Борик“.

Веќе утре, вториот македонски состав, Пелистер, ќе го одигра својот натпревар од ова осмо коло во АБА 2 лигата. Од 15.часот, битолчани (ефект 4-3), за противник го имаат сараевски Спарс.