На премиерниот меч од турнирот во Широки Бријег, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром стигнаа до уште една победа, за нив деветта во 12. одиграни кола. И на две кола до крајот на регуларниот дел, стигнаа на делба на првото место на табелата во АБА 2 кнкуренцијата.
По изедначеното прво во кое водеа со (42:38), „металците“ имаа одлично второ полувреме во кое ги тргнаа дилемите дека се подобра екипа од Широки
ШИРОКИ – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ 78:91
Одлично го отворија натпреварот кошаркарите на МЗТ Скопе Аеродром. На средината на првата четвртина имаа сосема солидни (20:12). Но откако тренерот на домашната екипа Даниел Јусуп побара тај-маут, тргна серијата на Широки од (14-0) за комплетен пресврт.
И играчки и резултатски...
Домаќинот поведе со (26:20). Серијата ја прекина Милошевиќ, кој постави (22:26) на семафорот, а Робев го врати нашиот тим кон егал-резултат. Почетокот на вториот период го отвори со точен удар за три поени, и приближување на (25:26), а Рикќ со две слободни фрлања ја врати и предноста на страна на екипата од Скопје (29:28).
Сепак, соло-перформансот на капитенот Дамјан Стојановски, и неговите осум поени во серија, го однесоа нашиот претставник на предност која веќе ја имаа, таму некаде во средината на првата четвртина. На средина на втората, МЗТ Скопје Аеродром поведе со (39:32).
За нов домашен тајм-аут...
И повторување на „сликата“ од првата четвртина. Повеќе од три минути нашиот тим беше без реализација. Доволно за Широки да се доближи до (38:39). Но поените на Милошевиќ и Дејвис го оставија составот од Аеродром во предност (42:38).
Продолжија во ист стил избраниците на тренерот Александар Петровиќ. Ги имаа и најдобрите пет минути на мечот. Оние на почетокот на третиот дел од играта во салата „Пецара“. Поведоа и со 15 поени предност, (67:52). Но му дадоа уште една шанса на домаќинот да се врати. Со серија од осум поени, Широки се приближи на (59:67).
Но уште еднаш Дамјан Стојановски беше како „џелат“. Освои топка, намерно беше фаулиран, погоди две слободни фрлања за (69:59). А на истекот на четвртината, во рок од пет секунди, погоди уште еднаш за комотни (71:59).
Иако без вистински плејмејкер во уграта, се чини дека „сино-белите“ заиграа уште подобро и ја достигнаа највисоката разлика на мечот, од 18. поени (83:65), причината беа и неколкуте „украдени топки“ кои на крајот делуваа врз психологијата на домашните кошаркари.
Без оглед на тоа, МЗТ Скопје Аеродром е на скор (9-2), на делба на првото место (заедно со екипата на Борац од Бања Лука).
Утре, во исто време, од 21. часот екипата на Пелистер го игра вториот натпревар на „балонот“ во Широки Бријег. Ги чека дуелот со екипата на Хелиос од Домжале.