11.10.2023

Без три важни играчи во ротацијата, ТФТ делуваше немоќно против еден од фаворитите во регионалното натпреварување, пораз од (66:85)

АБА 2 ЛИГА: „Тесно“ беше за ТФТ против Широки

И втор пораз на турнирот во Суботица запиша екипата на ТФТ. Многу подобра од нашата беше екипата на Широки, која со убедливата победа потврди дека ќе биде еден од кандидатите за највисок пласман во оваа конкуренција.

ШИРОКИ – ТФТ МОЦАРТ           85:66

Турнирот во Суботица, се чини дојде во доста незгодно време за екипата на ТФТ. Проблемите кои ги имаа во домашниот шампионат, практично се „преселија“, и „проширија“ и во АБА 2 конкуренцијата.

А ги зголеми повредата пред почетокот на собирот во овој српски град на Симонс. Следуваше и онаа на Двејн Морган,  на првиот меч. А сето тоа заедно со фактот дека во овој „балон“ тренерот Боро Смилковски го нема на располагање и еден од најискусните играчи Горјан Марковски, јасно е што резултатот за тимот од Тафталиџе, е поразителен.

Вечерва „црно-белите“ налетаа на еден, и тоа како расположен колектив во кој далеку отскокна еден навистина квалитетен кошаркар – се вика Закари Маркет Нутал, кој едноставно самиот го стави во нокдаун нашиот тим. И тоа уште во првите 20.минути кога стана јасно дека ТФТ не може да парира на Широки.

Скоро во ниту еден сегмент од кошаркарската игра...

Како играше Нутал доволно е да се каже дека за 25.минути од натпреварот, уфрли 35.поени. Или само три помалку во однос на комплетниот тим на ТФТ!

Да, се „спротивставуваше“ Виктор Ташовски, и не само во тоа прво полувреме, туку и по одморот. На моменти, и Хаутон покажа дека може да биде од корист во овој ростер на ТФТ, кој победите ќе ги побара на некој од наредните турнири од АБА 2 лигата.

Овој е за заборав, и тоа вистински!

А во петок попладне, од 15.часот, својот натпревар од ова второ коло од регионалната лига ќе го одиграат другите два наши претставници. Во Суботица следува „македонското дерби“, МЗТ Скопје Аеродром против Пелистер.  

АБА 2 ЛИГА - ПРВ ТУРНИР - СУБОТИЦА

13. ОКТОМВРИ

15.00: Пелистер – МЗТ Скопје Аеродром