23.11.2022

Пелистер играше егал во најголем дел од мечот, но на крајот го запиша првиот пораз во новата сезона (73:83)

АБА 2 ЛИГА: „Тесно“ за Пелистер пред Широки

 

Кошаркарите на Пелистер го одиграа својот прв, од предвидените три натпревари на „балонот“ во Сараево.

Пред себе имаа сериозна пречка во обидите да ја продолжат серијата на успешни игри пред еден месец на Златибор – екипата на Широки. Пресудата дојде во последната четвртина во која Широки најде начин да дојде до победата.

ШИРОКИ – ПЕЛИСТЕР     83:73

Битолчани имаа сосема добро отворање на натпреварот. За нешто повеќе од пет минути имаа двојно повисоки  (16:8). Но во оној втор дел од четвртината не успеаја и да ги задржат во целост. Имаа „само“ (25:22), откако погоди Мустафица.

Во втората, Широки успеа да направи и резултатски превсет. Да поведе со (36:33), но не и нешто повеќе од таа разлика. До истекот на првото полувреме битолчани најдоа начини да го вратат водството, макар истото било и минимално (40:38).

Со добра распределба на поените, во која Хаџифејзовиќ имаше девет, Мустафица осум, а Стајиќ и Караџовски по седум реализации.

Во продолжението, Широки беше екипата која се стекна со повисока разлика. И тоа од осум поени (60:52) како што беше во 29.минута. Пелистер се врати, за кратко време, намалија битолчани на достижни (58:60) на истекот на тој дел од играта.

Но во четвртината на одлука не се снајдоа баш најдобро. Никако не успеваа да направат уште една промена во водството. Од друга страна Широки го имаше одличниот Брзоја (27.поени), кој го имаше на сите делови од теренот, и беше вистинска напаѓачка енигма за „зелено-белите“ кои го запишаа првиот неуспех во три одиграни мечеви од новата сезона во АБА 2 конкуренцијата.

Хаџифејзовиќ застана на 20.реализации, Мустафица имаше 16, додека пак Карпенгер го заврши овој натпревар со 11, а десет даде искусниот Караџовски. 

Вечерва, веќе од 18.часот, својот втор меч на турнирот во главниот град на БиХ, го играат и кошаркарите на ТФТ. За противник ја имаат екипата на Крка од Ново место, еден од топ фаворитите за највисок пласман во регионалното натпреварување.