13.12.2021

На премиерата во Сараево, во доста израмнета игра, битолчани загубија од Широки (82:83), Караџовски не погоди тројка за победа

АБА 2 ЛИГА: „Тесно“ за „пелистерци“ против Широки

Доста израмнет и неизвесен меч на отварањето на „балонот“ во Сараево одиграа кошаркарите на Пелистер против Широки. На крајот, нашиот тим доживеа нов пораз во регионалното натпреварување.

ШИРОКИ – ПЕЛИСТЕР  83:82

По доста израмнетото прво полувреме во кое сепак, екипата од Битола имаше три поени „вишок“ (43:40), во третиот перид имаше голем број на резултатски промени. Од водство за Широки кое изнесуваше до шест поени, па се до преднсот на Пелистер од четири поени. На крајот, по 30.минути од играта во Сараево, битолчани имаа поен плус (67:66) во пресрет на финалните десет минути.

Дури 24 поени од оние 67, беа дело на Никола Малешевиќ, додека Кесар имаше 18. Но заедно со Трајковски имаа проблеми со личните грешки. И двајцата имаа по четири во четвртиот дел од играта, што евидентно, беше голем хендикеп за нашиот тим.

Широки прв направи предност од четири поени (75:71) во последниот дел од играта, и го натера Марјан Илиевски на тајм-аут по четири минути од играта. Не помогна таа минута бидејќи Иванов продолжи да погодува за уште повисоки (77:71).

Со својот 20.поен, Кесар ја прекина серијата на противничката екипа. Но во голем пад беше дефанзивната игра на „пелистерци“. Со тројка ја казни и Билиновац, за уште повисоки (80:73) за Широки во моментите кога се кршеше резултатот. „Зелено-белите“ го загубија и шутот, особено оној од далечина. Немаа постигнато тројка уште од првата четвртина од мечот. А влегоа и во серија на грешки кои беа казнувани од страна на противникот По 27. реализиран поен на нивниот најдобар играч, Лука Божиќ, Широки поведе со (82:75) на три минути до храјот.

Пелистер се врати со пет поени во серија, за (80:82), по што судиите „видоа“ дека Караџовски „глуми“ т.н. „прекршок во напад“. А потоа и тренерот Марјан Илиевски доби исклучување, што беше вовед во поразот на Пелистер.

Но и покрај тие судиски одлуки. „пелистерци“ се стекнаа со шанса за победа. Не ја искористи Димитар Караџовски, кој од „корнер“, при резултат (82:83), не ја погоди тројката за победа. 

Утре, од 15.часот, на истото место, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ќе го одиграат својот меч на турнирот во главниот град на БиХ. За противник го имаат тимот на Хелиос од Домжале.