Нема добри вести од Широки. По Пелистер,и екипата на ТФТ Моцарт запиша пораз во шестото коло од АБА 2 лигата. Подобар од нив беше црногорскиот преставник, екипата на Сутјеска.
СУТЈЕСКА – ТФТ МОЦАРТ 74:60
Најизедначен дел од овој натпревар беше оној првиот. Десет минути во кои двата ривали си поделија по 17.поени.
А потоа уследи сериозен пад во играта на скопските „црно-бели“. Во вториот период за десет минути, избраниците на тренерот Боро Смилковски реализираа само седум поени. Противникот даде 20, за сосема солидна, двоцифрена предност на полувремето (37:24).
Ниту оние петнаесетина минути за одмор, не им беа доволни на кошаркарите од Тафталиџе да се соземат, и да се обидат да дојдат до шанса за евентуален „камбек“. Беа далеку од тоа, затоа што во текот на последната четвртина влегоа и во негатива и од 24.поени (48:72), каков што беше резултатот во 35.минута.
На крајот, Верц беше реализатор на 19.поени (имаше и 8.скока и 5.асистенции), 12 имаше младиот Крстевски (реализираше три тројки во последната четвртина), а двоен број на поени – 11, запиша и Ифеје.
Премалку за да се „побегне“ од уште еден неуспех во регионалното натпреварување, петти во шест одиграни мечеви.
Tретиот наш претставник во ова натпреварување, екипата на МЗТ Скопје Аеродром, својот натпревар од ова шесто коло го игра во во среда, од 15.часот, против уште еден ривал од Црна Гора – Подгорица. Нешто подоцна, од 21. часот, Пелистер го стартува седмото коло, а за противник ја има екипата на Цедевита Јуниор.