25.11.2022

Слога од Краљево ја доби резултатската и играчка „клацкалка“ во Сараево со (92:88)

АБА 2 ЛИГА: ТФТ никако да го „скрши мразот“, и по пет кола останува без победа на Јадранот

ТФТ и Слога од Краљево го отворија петтиот круг од натпреварите во регионалното натпреварување, односно третото коло од „балонот“ во Сараево.

ТФТ – СЛОГА     88:92

Со доста осцилации, особено резултатски, одиграа двете екипи во првото полувреме. За среќа, многу помалку имаше во играта на македонскиот претставник, кој во своите редови имаше тројца одлично расположени играчи. Во првата четвртина која „црно-белите“ ја добија „само“ со (20:17), Бишоп ги погоди сите свои три обиди вредни по три поени.

Во втората пак истото му појде од рака и на искусниот Костоски (имаше два обиди повеќе), а сето тоа одлично од рекетот го следеше репрезентативецот Николов.

Доволно ТФТ во неколку наврати да се одвои на позитива од осум поени, како на пример, оние (41:33) во 18.миниута. Но никако не ја надминаа границата, таа да биде и двоцифрена.

По 20.минути игра беше (44:39) за тимот од Тафталиџе. Костоски и Бишоп имаа по 11, а Николов девет поени во првиот дел.

Екипата од Краљево стигна и до своето прво водство, парцијално српскиот тим направи (13-7), во тие шест минути од третата четвртина за (52:51). Но Бишоп, мака ри за момент го врати водството на ТФТ, со пет врзани поени (56:54), и тој период од играта, со тројка да го затвори малку „видливиот“ (дотогаш) Андерсон, за (59:56).

Имаше нашиот тим и (61:56), по што уследи нов, овојпат сериозен пад во нивната игра. Оној од Краљево направи нов пресврт, и поведе со највисоки (77:70) во средината на последниот дел.  

Но Костоски и Мекбраер најдоа начин (со точни шутеви за три поени), за ТФТ да стигне до нов „минималец“ (86:85). Но не и до победата, затоа што кога требаше, и премногу му веруваат на шутот за три, за што на крајот беа казнети. За петти пораз во пет одиграни кола.

Кошаркарите на ТФТ ќе ја побараат својата прва победа во шестиот круг од АБА 2 конкуренцијата во кој за противник ја имаат екипата на Подгорица.