28.01.2023

На разделба со Бања Лука, „црно-белите“ беа подобри од Вредноснице од Осијек (74:70)

АБА 2 ЛИГА: Трета победа за ТФТ, теоријата за плеј-офот е „жива“

Во последниот круг од натпреварите на турнирот во Бања Лука, екипата на ТФТ стигна до третиот успех. Освен во последната, „црно-белите“ доминираа во три периоди од играта во кои дојдоа до недостижна предност и до триумф со кој ги сочуваа, макар и теоретските шанси за премин во ТОП 8 друштвото.

ТФТ – ВРЕДНОСНИЦЕ ОСИЈЕК  74:70

Наместо мирна завршница, кошаркарите на ТФТ влегоа во драматични моменти од мечот со екипата од Хрватска.

Нешто налик на синоќешниот дуел на вториот наш претставник, Пелистер, против екипата на Сутјеска, ТФТ влезе во последниот период со предност од 16 разлика (61:45). Но на три минути пред крајот екипата од Осијек да се доближи на и тоа како достижни (63:67).

Сепак, момците на тренерот Боро Смилковски некако најдоа начин да ја задржат концентрацијата во клучните моменти. Одиграа неколку добри одбрани, макар што притивникот дојде и до „еден посед“ негатива. Но не и нешто повеќе од тоа, па ТФТ може да се радува на третиот плус во десет одиграни мечеви од АБА 2 конкуренцијата.  

Убедливо најдобар играч на натпреварот беше Трент Батрик кој оствари висок дабл-дабл ефект заокружен со 24 поени и 14 скока, и индекс 37.

По овој натпревар, сега ТФТ со скор (3-7) е на две победи од осмото место, последното кое води во плеј-офот. И поедноставно речено, “црно-белите“ немаат право на кикс на последниот турнир на кој ќе играат против Горица, но и фаворитите за највисок пласман како што се Борац и Хелиос Санс.

Инаку на 29.јануари, во недела, својот настап на овој „балон“ во Бања Лука ќе го затвори и екипата на Пелистер. Од 12.часот, битолчани ќе играат против актуелниот шампион во АБА 2 лигата, екипата на Златибор.