12.02.2022

Аеродромци беа подобри од новосадска Војводина (83:75), за одличен скор (8-2) по десет одиграни кола

АБА 2 ЛИГА: Втора победа за МЗТ Скопје Аеродром во Бања Лука, за одбрана на второто место

Со две победи и еден, несреќен пораз, се враќаат кошаркарите на МЗТ Скопје Ародрон од турнирот во Бања Лука. На последниот, трет натпревар, беа подобри од новосадска Војводина. Па по десет одиграни кола, имаат одличен ефект, осум победи и два порази, доволен да ја сочуваат позицијата број 2 во регионалното натпреварување.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ВОЈВОДИНА             83:75

Лошо почнаа „сино-белите“ на последниот меч во Бања Лука. За пет минути влегоа во двоцифрен минус (5:15). Но во вториот дел од првата четвртина го анулираа, скоро во целост. По поентирањето на Рикиќ (негов седми поен во четвртината), беа во заостанување од само еден поен (22:23).

Во вториот период одлично фунционираше центарскиот двоец Милошевиќ-Рикиќ, искомбинираа 20 поени. Или половина тимски, за првата посериозна предност (35:28) по 14.минути играње во „Борик“.

Кошаркарите од Нови Сад никако не успеваа да се одбранат од нападите на највисокиот играч на теренот, Рикиќ. Кога тој го удвои својот поентерски ефект (14.поени), екипата од Аеродром ја претвори водството во двоцифрено. Во 19. минута, македонскиот шампион имаше плус 11, (50:39). А Милошевиќ, со својата 11. реализација, ја оддржа разликата на солидна.

По 20.минути, МЗТ Скопје Аеродром водеше со (52:44).

Каде што застанаа во првото, „металците“ продолжија во второто полувреме. Прво со мини-серија од (7-2) се одвоија на (59:46), а некоја минута подоцна имаа и уште повисоки (67:51).  

А Војдан Стојановски и Адем Мекиќ им се придружија на Рикиќ и Милошевиќ во оние поентерски активности. И тие беа„ двоцифрени“ уште на средина од третата четвртина во која отидоа и на 17. поени разлика (72:55).

Предупредувачки беа оние (6-0) за тимот од Нови Сад на почетокот на последниот период, кои ја сведоа негативата на едноцифрена (63:72). Но нашиот претставник најде одоговор за тој последен обид на новосаѓаните да фатат комплетен резултатски приклучок.

По десет одиграни кола, МЗТ Скопје Аеродром има одлични (8-2) и второто место на табелата во АБА 2 конкуренцијата. Наредниот „балон“, последен во регуларниот дел од ова натпреварување, се игра во периодот од 21. до 27. март, во Широки Бријег.