Прекин на победничката низа на битолчани на турнирот во Бања Лука, во третиот натпревар одигран во салата „Борик“ подобар од составот од Битола, сериозно ослабен со неиграњето на двајца играчи од стартната петорка, беше бранителот на трофејот во ова натпреварување - Златибор.
ЗЛАТИБОР – ПЕЛИСТЕР 75:69
Ако нешто битолчани го правеа најдобро во изминатиот период од сезоната, тоа дефинитивно беше играта во нападот.
Но денеска не беше ден за офанзивците на Пелистер. Особено тоа се однесува за првото полувреме од дуелот со актуелниот бранител на титулата во АБА 2 конкуренцијата.
Златибор одигра навистина добра одбрана, „исклучок“ направи ефектот на Карутерс, кој даде десет од вкуно 27.поени кои „зелено-белите“ ги реализираа во првите 20.минути од овој меч од 10. коло во регионалното натпреварување.
Тоа се одрази и на играта во продолжението од натпреварот во кој Златибор успеваше да ја сочува таа двоцифрена предност.
Така беше и на крајот на третата четвртина (56:46)...
Но во последната, Пелистер покажа карактер, и тоа каков.
Со серија од (12-1), екипата од Битола дефинитивно се врати во натпреварот. И повеќе од тоа, го презема водството (58:57), за нецели четири минути играње во периодот на одлука.
Карутерс доби сериозна поентерска поддршка од Карпентер и Маслинко, кои во голема мерка го надполнија отсуство на двајца важни играчи, два стартери како Стајиќ и Хаџифејзовиќ, хендикеп со кој стручниот штаб на „зелено-белите“ се соочи и за овој последен натпревар од престојот во Бања Лука.
По поените на Двојаковски, Пелистер поведе со (62:60). Но останаа без потребната енергија во последните четири минути. Оние решавачки во кои Златибор направи серија од (11-2) која му донесе водство на спрскиот претставник од (71:64), и го однесе кон триумфот. За нив седми во десет одиграни натпревари и место во горниот дел од табелата.
Пелистер пак е на ефект од шест победи и четири порази пред последните три кола од АБА 2 лигата, во кои четата на тренерот Марјан Илиевски треба да го потврди пласманот во ТОП 8 односно во плеј-офот. Нема да им биде лесно затоа што за противници ги имаат екипите на Крка, Слога од Краљево и Подгорица.