21.11.2022

Кошаркарите на ТФТ го отворија вториот „балон“ во АБА 2 конкуренцијата, во Сараево, со пораз од актуелниот првак (76:90)

АБА 2 ЛИГА: Златибор е превисока пречка за ТФТ

Кошаркарите на ТФТ го отворија вториот „балон“ во АБА 2 конкуренцијата, во Сараево, против ланскиот победник во ова натпреварување – Златибор. И почнаа со пораз против најдобрата екипа во ланската сезона.

ТФТ – ЗЛАТИБОР ГГ           76:90

Првото полувреме протекна во постојано водство на српскиот претставвник. Уште во воведниот дел од мечот, актуелниот победник во АБА 2 лигата го презема водството, а екипата од Скопје постојано се обидуваше да го достигне.

Во 8.минута, екипата на Златибор поведе со (21:13), а со тројката на искусниот Костоски, ТФТ го затвори првиот период со минус од еден поен, (24:25).

Израмнето се играше и во најголем дел од втората четвртиа. Дел од играта во кој Златибор одново се одвои на плус од 8.поени (40:32), како што беше резултатот во 16.минута од играта. Серија која со тројка ја прекина Бишоп (35:40).

Но „црно-белите“ немаа доволно добри решенија за шутерски расположениот противник кој стигна и до својата седма тројка (од 17.обиди) за ново „бегство“, сега на исто така солидни, (43:35) со кои се влезе во последната минута од првото полувреме, кое заврши со истиот резултат,

Слично беше и во второто полувреме, со таа разлика што српската екипа за прв пат на средбата се стекна со двоцифрено водство (53:42), како што беше во 24.минута. Но новите две тројки на Костоски, го вратија тимот од Тафталиџе кон егал-резултат, за преполување на високата негатива (48:53). Но за кратко, не можеа да се одбранат од тројките на Ѓуран (пет од тимските десет), кој ја врати предноста, онаа двофрената (54:64) на истекот на третиот квартал.

Во оној последниот, ТФТ не го направи она што го бараше во претходните три. Таа негатива остана недостижна за тимот на Боро Смилковски, кој го запиша третиот минус на дебито во ова натпреварување, а прв на „балонот“ во Сараево, кој стартуваше денеска.

Костоски реализираше 12.поени (4/5 во шутот за три поени), а Ташовски еден помалку во овој трет неуспех за ТФТ во АБА 2 лигата.

Нашиот втор претставник во регионалното натпреварување, екипата на Пелистер, својот натпревар од третото коло на турнирот во Сараево ќе го одигра на 23.ноември (среда). Противник на „пелистерци“ во обид да стигнат до својата трета победа ќе им биде екипата на Широки. Натпреварот Пелистер-Широки стартува од 15.часот.