Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром испуштија голема шанса со максимален резултат да го завршат својот престој во Сараево.
Во неизвесен натпревар, загубија од Младостод Земун. И тоа на свои грешки, во последната минута од дуелот со тимот од Земун.
Па сега, доколку сакаат подобра позиција на табелата, и место во плеј-офот, ќе мора да продолжат по еден потежок пат. Во форма на императив, затоа што во последните три меча од регуларниот дел ќе немаат право на нов кикс-пораз.
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – МЛАДОСТ ЗЕМУН 75:82
Влегувањето на Адем Мекиќ донесе свежина во играта на МЗТ Скопје Аеродром. Неговите десет поени по ред од крајот на првата и почетокот на втората четвртина, ја анулираа стартната негатива (13:18), и го донесоа составот од Аердром во минимална предност од (20:19).
Но неговиот пример не го следеа неговите соиграчи...
Со седум поени по ред Младост одново обезбеди солидно водство од (26:20), по што следуваше реакцијата од страна на тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов.
Бојиќ ја прекина серијата на тимот од Земун. Но никаде го немаше најдобриот играч на „сино-белите“, Олуџоби. Причина плус беа и двете „брзи лични грешки“, па дури во 16.минута го запиша својот четвртти поен на овој значаен меч за неговата екипа.
Со многу подобра, поцврста игра во одбраната, и серија од (13-3) МЗТ Скопје одново го врати водството на својата страна. Поведоа скопските „сино-бели“ со (35:30) пред влезот во последната минута од првото полувреме. А Олуџоби го стигна Мекиќ по бројот на реализации. Веќе во наредниот напад, и го помина – го запиша својот 12.поен (10. во четвртината), за уште повисоко водство на нашата екипа (37:30) која го доби тој втор дел од играта со двојно поголем скор, (24:12).
А потоа голем пад во играта на „металците“. За 4:15 минути игра, реализираа само четири поени. Младост даде дури 15, за водство од (45:41) и нов тајм-аут на Кочов во раната фаза на второто полувреме.
Без ефект, затоа што неговите играчи како да паднаа „во дупка“. Противникот ја продолжи серијата на (12-0) за (47:41), а потоа уште повисоки (53:45). Блесокот на Бојиќ во рекетот симна дел од негативата (51:54), а Магдевски постави (54:57) на истекот на третата четвртина.
Тоа беше еден од ретките поени на бековската линија на нашиот претставник на овој последен меч за нив во „балонот“ во Сараево.
Со така слаб шут, особено до далечина од 17.4% (4/23 за три) , и не можеа да се надеваат на нешто повеќе.
На 5:18 минути пред крајот, дојдоа првите поени на капитенот Стојановски, за ново враќање во мечот (61:63). А уште еден играч кој беше малку забележлив, Тарнер, со „два плус еден“ игра го донесе МЗТ Скопје Аеродром во нова предност (67:65).
Но беше брзоплет во минутата на одлука. Шутна пребрзо при резултат (75:74). Веднаш, со тројка, казни Мичел, за да води Младост, со (77:75) пред последните 25. секунди од дуелот во Арената „Хилс“ во Сараево.
А во нападот на одлука, уште една голема грешка. Олуџоби направи грешка во чекори. Останаа само уште седум секунди. Аранитовиќ остана „мирен“ на линијата за слободни фрлања, а потоа погоди и „од центар“, за победа на Младост (82:75).
По десет одиграни кола, МЗТ Скопје има скор од шест победи и четири порази. Во овој момент доволно за делба на позиција во регионалното натпреварување.
Наредниот меч екипата од Аеродром ќе го игра на 22. март, во „балонот“ на Златибор. А противник ќе им биде екипата на Спарс, еден од конкурентите за високите позиции на табелата.