08.01.2023

Одлично прво полувреме на македонскиот шампион против белградскиот евролигаш, но недоволно за било какво изненадување (57:80)

AБА ЛИГА: Црвена Звезда е „друга димензија“ на Јадранот, МЗТ го почувствува тоа уште еднаш, и во Скопје

За македонскиот претставник во АБА лигата вечерва стартуваше вториот круг од натпреварите во сезоната 2022/20023 година.

И не можеше да биде потешко, во Скопје гостуваше актуелниот јадрански првак – белградска Црвена Звезда.По релативно израмнетото прво полувреме, една серија иницирана од најскапиот играч на овие простори, Факундо Кампацо, беше доволна за фаворитот да го оправда тој епитет и очекувано да победи во скоро полниот СЦ „Јане Сандански“. 

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ЦРВЕНА ЗВЕЗДА            57:80

По шест неполни минути од првиот период, гостите од Белград веќе имаа двоцифрена предност, (14:4).

Серијата, со тројка, ја прекина капитенот Војдан Стојановски, а резултатски приклучок, со нова тројка, држеше кој друг, ако не, Стојановски, (10:16). А со пет поени кои дојдоа од Вер, „сино-белите“ беа блиску и до пресврт, на истекот на првата четвртина фаворитот водеше со минимални (17:15).

Вер беше играчот кој донесе многу подобра реализација за домашната екипа. По неговата нова тројка, на семфорот во скоро полниот „Јане Сандански“ стоеше (18:19), скоро, кој донесе и нервоза во гостинскиот стручен штаб, односно тајм-аут кој го повика тренер Душко Ивановиќ, по нешто повеќе две минути од втората четвртина.  

Најскапиот играч во АБА конкуренцијата, Факундо Кампацо, одговори на ист начин, и постави (24:18) за гостите од Белград на средина од овој период, за тајм аут на спротивната страна кој го повика тренерот Драган Николиќ.

Иако и Вер и Кафи беа на теренот, се чини дека немаше идеален проток на топката во нападот на аеродромци. Тешко поминуваа покрај цврстата одбрана на „црвено-белите“. Се делуваше некако премногу индивидуално во играта на нашиот првак. Потполно отсечени беа и Миќовиќ и Бурсаќ, а особено Јигитоглу, кој скоро и да немаше допир со топката додека беше во игра. Кампацо ги разигра и соиграчите, и за кратко време беше (30:20) за лидерот во АБА лигата.

Да не биде негативата и поголема, со нов точен обид за три поени, се погрижи Дамјан Стојановски за (28:35) со кој се влезе во последната минута од првото полувреме.

Секунди во кои Вер погоди уште еднаш за три поени (негов 11.поен во полувремето) за (31:35). Најдобриот поентер на домашната екипа беше „мирен“ и од линијата за слободни фрлања, за уште пониски (33:36).

Ништо добро за МЗТ Скопје Аеродром по одморот...

На сцена стапи Факунд Кампацо. Со три тројки во серија, донесе големи, огромни, со оглед на дотогашното броење на резутатот (50:36). Собрано во три минути и две секунди, и нова реакција од тренерот на „сино-белите“.

Но од тешко, стана уште потешко за македонскиот шампион. Противникот дојде и до уште повисоки (57:38), потоа и (63:41) на крајот на четвртината. И повеќе од доволно за „мирни“ десет минути.

Вер даде 16, а Војдан Стојановски финишираше со 13 реализации во екипата-домаќин во која Кафи и Мичовиќ додадоа по девет, додека пак арентинскиот суперстар во редовите на белградскиот тим застана на ефект од 21.поен, девет асистенции и седум скока за 28.минути во игра. А Петрушев дополни со 12.поени за лидерот по 14 одиграни кола во АБА лигата.

По 14 кола, МЗТ Скопје е на скор (2-12) и останува на последното место на табелата. Во наредниот круг од натпреварите, аеродромци играат против уште еден евролигаш. На 16 јануари, во Белград, му гостуваат на Партизан.