18.03.2023

Лошо второ полувреме кое скапо го чини МЗТ Скопје Аеродром, пораз (78:84) и само теоретски шанси за опстанок во јадранската конкуренција

АБА ЛИГА: Игокеа ги стави „металците“ во редот на „отпишаните“?

Пред голем резултатски императив беа кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром во дуелот со екипата на Игокеа. Победата беша ставена како „морање“, што донесе уште поголем притисок за кошаркарите во „сино-бела“ комбинација.

И не го издржаа аеродромци, „паднаа“ кога за тоа беше и најмалку потребно...

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ИГОКЕА    78:84

Максимално израмнет беше првиот дел од играта во кој двата противници разменија по неколку водства. „Металците“ имаа позитива од пет поени (18:13), по нешто повеќе од шест минути од играта. Но тој прв дел од играта сепак им припадна на гостите од Лакташи, кои имаа „плус 3“ (27:24) на истекот на првиот период.

Во вториот беше вистинско „бркање“ на тоа ситно, но значајно водство на Игокеа. Домашните кошаркари успеаја да го стигнат и престигнат, некаде на крајот, за тој дел од играта го завршат со минимално водство (42:41).

Во голема мерка и поради одличната игра на Страхиња Миќовиќ, кој го заврши првото полуврреме со високи бројки. Имаше 15. поени, до кои стигна со скоро стонастотна реализација (3/4 за три и 4/4 за два поени). Добро следен од браќата Стојановски кои искомбинираа уште 15 поени.

Овие тројца кошаркари и ги дадоа оние седум тројки за МЗТ Скопје (од 17 обиди за високи 41.2%).

Второто полувреме беше за заборав за сите оние кои го сакаат МЗТ Скопје Аеродром.

Особено тоа се однесува за последната четвртина, онаа во која „сино-белите“ ги прокоцкаа своите шанси не само за победа на овој натпревр. Се чини и за останување во елтитата јадранска конкуренција. Запишаа пораз по кој извесно е, тешко дека ќе успеат да го надокнадат во оние натпревари кои следуваат во АБА друштвото.

Последната минута МЗТ Скопје ја дочека со минус од дури 11 поени (69:80), но не се откажаа домашните кошаркари ниту тогаш. На седум секунди пред крајот, по тројката на Бурсаќ, беа во заостанување од само два поени (78:80).

Но Кондиќ беше прецизен од линијата за слободни фрлања, ги погоди двете, донесе недостижни (82:78), кои некоја секунда подоцна, откако бурсаќ не погоди уште еднаш за три поени, ги зголеми Наранџиќ, кој го постави конечниот резултат (84:78).

За извесен опстанок на Игокеа, а само теорија за македонскиот првак пред последните четири кола од регуларниот дел во сезоната, да се помрдне од бројката од четири победи која ги остава на последната позиција на табелата.