По трите, би се рекло помалку и очекувани порази на стартот од сезоната, МЗТ Скопје Аеродром вечерва пред своите гледачи во СЦ „Јане Сандански“, ја искористи првата шанса за прва победа во новата сезона од АБА лигата. За нив означена како повратничка во друштвото на најдобрите екипи на овие простори.
Падна црногорскиот претставник Студентски Центар Дерби....
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – СТУДЕНТСКИ ЦЕНТАР ДЕРБИ 92:79
Студентски Центар вечерва беше рамноправен само во првото полувреме. Во шестата минута водеше со највисоки (18:11) пред скопските сино-бели“ да направат пресврт и на крајот од првата четвртина да дојдат до водство (23:22).
И во втората четвртина скоро идентична ситуација на теренот, на двете страни. Сепак, македонскиот првак замина на голем одмор со минимална предност (47:46), откако Кафи погоди за три поени со истекот на времето.
Третата четвртина МЗТ Скопје Аеродром ја почна со серија (13-2) и отиде на двоцифрено водсво од (60:48).
Блескаше Кафи, а доби помош од Магдевски и Јигитоглу, па аеродромци направија предност која подоцна црногорскито тим не успеа да ја загрози. Најмногу што успеа да се доближи беше минус од осум поени , но составот од Аеродром пред крајот имаше и 16 поени предност.
Кафи беше МВП на натпреварот, заврши со 22 поена и 7 асистенции, Дамјан Стојановски додаде 14 поени, а Миќовиќ и Јигитоглу по 13.
Во следното коло од АБА конкуренцијата, нашиот претставник го очекува уште еден тежок натпревар, против Цедевита Олимпија во Љубљана.
Инаку, ова е прв триумф за МЗТ Скопје Аеродром во регионалното натпреварување на домашен терен, по 29 септември 2017 година, кога во СЦ „Јане Сандански“ го победи белградски Партизан.