15.10.2022

Нашиот шампион стартуваше лошо во Подгорица, рано влезе во резултатски минус и загуби против фаворизираниот Будуќност (66:89)

АБА ЛИГА: Лошиот почеток во „Морача“ причина за третиот пораз на МЗТ Скопје Аеродром

Фаворитот го потврди својот квалитет, имаше одличен почеток, кој му овозможи многу порелаксирана игра, на крајот доволно за нов успех, и трет пораз за „сино-белите“ од Аеродром на почетокот на новото „патување“ на Јадранот.

БУДУЌНОСТ – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ       89:66

Лошо „отворање“ на гостувањето во Подгорица имаа „металците“, тоа на крајот и ги чинеше убедлив пораз против екипата која „ја гледаат“ во т.н. „прва четворка“ и која ќе се бори за шампионскиот прствн и во оваа натпреварувачка сезона во која дел од АБА лигата е и македонскиот шампион.

Не успеаја да се одбранат „металците“ на почетокот на средбата во „Морача“ дозволија противникот рано и брзо да постави контрола, и играчка и резултатска. Поведе Будуќност со (14:2), разлика која ја оддржа на истекот на првата четвртина (23:10:

Нашата екипа имаше најдобри минути во вториот период, во кој четата на Александар Петровиќ успеа да „симне“ дел до двоцифрената негатива. И на полувреме да има прифатливи (31:38).

Но сето тоа го снема по одморот, кога следуваше „втората офанзива“ на екипата од Подгорица, за одлепување на недостижни (64:46), и трет пораз на нашиот претставник во најсилната лига на Јадранот.

Максвел и Ајви запишаа по 12 поени, а капитенот Дамјан Стојановски уште десет за МЗТ Скопје Аеродром кој во наредното коло ќе игра против уште една екипа од Црна Гора. На 22. октомври (од 20.30 часот), во СЦ „Јане Сандански“ гостува Студентски Центар - Дерби.

Нова шанса за прва победа на аеродромци.