04.11.2022

МЗТ Скопје го претрпе петтиот пораз во шестиот натпревар, гостите од Бар подобри во второто полувреме (77:94).

АБА ЛИГА: Морнар остана јадранска енигма за „металците“

Одлучи второто поолувреме во кое нападот на нашиот претставник како да престана „да постои“...

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – МОРНАР 77:94

Домашната екипа имаше сосема добро отворање, крунисано со водство од (21:14), потоа и (25:18), и затворање на првата четвртина со (27:22), како креација на одличниот Крстевски.

На стартот од вториот период,скопските „сино-бели“ ги достигнаа и највисоките +8 (32:24), но не и да ги задржат на еден подолг период.

Гостите од Бар одговорија со серија од (15-3), за (39:35), по 16.минути од играта во СЦ „Јане Сандански“.

„Металците“ не дозволија, барем не, во тој дел од играта, да бидат „потопени“.  Брзо го вратија водството, а по размената на тројки, на голем одмор замина со позитивен резултат (47:44).

Колапсот дојде во вториот дел од третата четвртина...

По минималните (54:53) за МЗТ Скопје Аеродром, Морнар направи серија од (14-0) и поведе со недостижни (67:54), макар што пред двете екипи беа уште цели десет минути. Период од натпреварот во кој Морнар го доврши она што го почна во третата и ја прекина серијата од три порази.

Иако добро чуван, Дерон Расел дојде до 22 поена, меѓутоа проблем плус за аеродромци во одбраната беше Михаиловиќ кој постигна 25 поени. Крстевски одигра репрезентативно, постигна 22 поени (17 во првото полувреме), а поентерска помош доби само од Кафи и Војдан Стојановски.

Ова е и петти пораз, во исто толку натпревари, против црногорскиот ривал кој останува еден од ретките против кого МЗТ Скопје Аеродром нема триумф во регионалното натпреварување.

Во следното коло, а по репрезентативниот „брејк“, за две недели, аеродромци патуваат во Белград, на гости кај ФМП.