31.03.2023

Одличното отворање на „металците“, односно феноменалните 15 минути, на крајот го пресудија победникот во „Јане Сандански“ (84:80)

АБА ЛИГА: МЗТ Скопје го „потопи“ Задар, и ја задржа теоријата која води кон бараж

Имаа плус 20 кошаркарите во „сино-бела“ комбинација, онаа скопската секако во однос на задарската. Но до крајот на мечот кој беше еден од оние три кои се нарекуваат „да се биде или не“, стравуваа за победата, за опстанокот во јадранската конкуренција.

На крајот, тој голем „вишок“ го одбранија популарните „металци“, па стигнаа до петтата победа во АБА лигата.

Останува да ги добијат и наредните два натпревари, а нивниот конкурент, Борац од Чачак да ги загуби последните, за да се стигне до баражот.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ - ЗАДАР     84:80

Веројатно најдобрата прва четвртина во сезоната ја одиграа кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром под водство на Драган Николиќ. А кога се зборува за првите десет минути од дуелот со Задар, истото се однесува и за Мајкл Кефи.

Непогрешливо делуваше американскиот бек, погоди се што шутна кон противничкиот кош, што беше и дополнителем импулс кај неговите соиграчи, пред се Војдан Стојановски, потоа и другите, да бидат, исто така ефикасни. Дојдоа „сино-белите“ до 30 поени, а скоро половината од нив беа „дело“, токму на Кефи.

Задар дојде до само 17, за убедлива предност по првите десет минути (30:17).

Уште подобро продолжија „металците“ и во вториот дел од играта. Се стекнаа и со уште поголема предност. Во 17 минутиа беа во плус од дури 20 поени (49:29). Но во преостанатите три, му дозволија на гостинот од Задар да намали добар дел од неа.

И на полувремето домаќините да заминат „само“ со (52:39).

Во продолжението, Задар се врати во игра, во голема мерка и по заслуга на нашиот претставник во АБА лигата. Како се „трошеа“ минутите, така се топеше и предноста на екипата од Аеродром. На истекот на третата четвртина, гостинската екипа се доближи на само пет поени негатива (65:70).

Двете тројки на Кук означија дека МЗТ Скопје го одби тој налет на задраните. Поведе домашната екипа одново со двоцифрени (79:67). Но имаше да се играат долги осум минути. Серијата од осум поени го врати Задар дури и во игра за победа (75:79). Но Миќовиќ, со нова тројка ( 12. тимска), донесе нешто посигурни (82:75).

Но уште еднаш влегоа во „празна поентерска зона“ играчите на МЗТ Скопје. Скоро четири минути останаа без реализација, доволно Задар да дојде на (80:82) на осум секунди пред крајот.

Две секунди подоцна, на линијата за слободни фрлања застана Кефи. Ги погоди двете – за да ги скрати маките на МЗТ Скопје.

Во наредното коло МЗТ Скопје патува на Јадранот, а ќе игра со Сплит (вечерва го пибеди токму Борац) во славниот „Грипе“. Последниот гостински тест во кој македонскиот шампионо мора да победи, друго нема!