12.03.2023

Тешко се победува на гости со слаба одбрана, „металците“ се уверија во тоа и на гостувањето во Белград каде Мега дојде до победата (93:86)

АБА ЛИГА: МЗТ Скопје остана без уште една шанса

МЗТ Скопје го претрпе 17. пораз во АБА лигата и повторно ги сведе на минимум шансите за опстанок во регионалното натпреварување.

МЕГА – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ        93:86

И на гостувањето во Белград, до израз дојде лошата одбрана. Во досегашниот дел од сезоната во АБА лигата, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ги загубија сите 11 натпревари на гости.

А на ниеден од нив не прими помалку од 87 поени....

Македонскиот шампион добро го почна мечот. Во првата четвртина водеше со (26:18), но не за  долго... На крајот на четвртината беше (27:22) за аеродромци, кои на почетокот на вториот имаа водство и од (30:22).

Но следуваше серија од (15-5) на Мега за промена на водството (37:35). До полувремето, домашната екипа веќе имаше предност од (48:42), интересно, но сосема вистинито, без ниту една погодена тројка.

За несреќа по нашата екипа, шутот од далечина на домашните кошаркари проработе во третата четвртина. Мега ја отвори третата четвртина со две тројки за двоцифрено водство од (54:42), а во целиот тој квартал реализира вкупно шест.

МЗТ Скопје некако одржуваше резултатски баланс благодарение на пожртвуваноста на Кук и Абу кои извадија неколку лични грешки со постигнати поени. Но скопјани имаа проблеми во одбраната. Во третата четвртина противникот постигна вкупно 28 поени.

Сепак, МЗТ Скопје успеа да направи серија од (9-0) по која се доближи на достижни (71:76), по само една минута игра во последната четвртина.

Но тука некаде македонскиот шампион и застана...

 Рори со тројка ја крена Мега која на средина од периодот повторно имаше двоцифрена предност, сега од (86:76), која до крајот на средбата „сино-белите“ не успеаја да ја загрозат.

Кафи со 18 поени беше најефикасен во редовите на македонскиот првак, Абу додаде 17, а Кук 15.

На пет кола пред крајот на сезоната, МЗТ Скопје и натаму е последен и заостанува една победа зад Борац од Чачак, директниот конкурент за баражот во регионалното натпреварување.