Станува се потешко за македонскиот првак во јадранската конкуренција по поразот на домашен терен од директниот конкурент во трката за опстанок...
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – БОРАЦ 73:81
Без двајца играчи во ротацијата, доста несредена игра, и на крајот – пораз. И тоа против екипата која досега ретко победуваше во АБА лигата, посебно на гостувањата.
Шок во СЦ „Јане Сандански“. МЗТ Скопје Аеродром загуби еден многу значаен меч во кој практично беше во постојано заостанување.
Веќе во првата четвртина екипата од Чачак имаше солидни (26:19), за на полувремето четата на новиот тренер, Дејан Мијатовиќ, таа предност ја удвои на (50:35).
Без Магдевски и Ајви во предната линија, „металците“ останаа само на креациите на Кафи, особен овидливо во тој дел од играта.
Во продолжението, МЗТ Скопје Аеродром покажа дека може, но само на „кратки патеки“. Третата четвртина беше и најдобрата за „сино-белите“. Онаа во која симнаа добар дел од високата негатива. И во последната влегоа со достижни (56:64).
Десет добри игри сепак беа премалку за триумф. Гостите најдоа начин како да се одбранат од тој напад на аеродромци, и стигнаа до доста важните бодови кои ќе имаат двојно значење во наредниот период од АБА лигата.
Мишлвич реализираше 14, а браќата Стојановски искомбинираа 24.поени, во овој неочекуван неуспех за МЗТ Скопје кој влезе во „црвената зона“, и групата на екипи кои имаат само две победи во десет кола.
Во она наредното, нашиот претставник го чека гостување во Задар, во меч кој е закажан за 16.декември (од 20.часот).