Будуќност ги искористи сите свои „атрибути“, и многу потешко, од нивните очекувања, подгоричани го освоија „Јане Сандански“.
Аплаузите на публиката во Аеродром и покрај новиот пораз, 14. во 16 одиграни кола од АБА лигата, означија, потврдија дека овој, некомплетен МЗТ Скопје, не се откажал од битката за место кое води во опстанокот во јадранската конкуренција.
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – БУДУЌНОСТ 86:90
Екипата од Аеродром го дочека дуелот со Будуќност со уште „пократок ростер“ во кој, освен Кеандре Кук, недостасуваше и еден од најдобрите играчи, Страхиња Миќовиќ (зголемена температура).
А го почна слабо, му дозволи на противникот од Подгорица да направи (9-0) за нешто повеќе од пет минути игра, без да поентираат. Момент кој и го натера новиот тренер, Драган Николиќ да го прекине тој „празен од“ со тајм-аут. Но не одеше лесно, Будуќност направи и уште повисоки (20:7), за серијата со тројка, да ја прекине Војдан Стојановски и постави (10:20) на истекот на првиот период.
Како најава за подобра игра во нападот на скопските „сино-бели“ кои врзаа серија од седум неодговорени поени, за да се доближат на (14:20) по нешто повеќе од една минута од втората четвртина.
А со втората тројка по ред. В.Стојановски донесе уште пониски (17:22). Шутот за три поени беше битен фактор во играта на МЗТ Скопје Аеродром. По новите три точни обиди зад линијата 6.75 метри на Вер, Д.Стојановски и Крстевски, беше само (26:28) за гостите од Подгорица, кои патем кажано,добија поддрка од околу педесетина нивни фанови - „варвари“.
Впрочем, за 15.минути од играта, домашната екипа постигна шест тројки (од 13.обиди).
Но евидентно беше дека квалитетот е на страна на Будуќност, екипа во која погодуваа скоро сите кои излегоа на теренот во СЦ „Јане Сандански“, На нецели две минути пред истекот на полувремето гостите повторно имаа двоцифрена предност, (40:30).
Слично беше и пред заминување на одмор, (42:32) за фаворитот од Црна Гора, а Вер и Војдан Стојановски имаа по десет реализации во домашниот состав.
А по паузата од 15 минути, одново одличен почеток на гостите. Серија од (7-0) за највисоки (49:32), и нов, ран тајм-аут на Николиќ, по само две и пол минути во кои неговата екипа не поентираше. Проблем плус беше и 4. лична грешка на капитенот Дамјан Стојановски во наредната минута. Уште полесна работа на патот кон победата имаа подгоричани, кои во 27.минута водеа и со (59:40), минута потоа и (63:46).
Со само седум играчи во ротација аеродромци тешко се бранеа од далеку поквалитетниот ривал. На истекот на третиот квартал, Будуќност имаше сигурни и недостижни (65:48).
Сепак, со серија од (12-3), домашната екипа најави подобар финиш на овој меч. Намали МЗТ Скопје на едноцифрени, (60:68) сето тоа во нецели три минути.
Бел-Хајнс, со тројка, ја прекина серијата на домаќините за (73:62).
Но предавање – немаше!
Дамјан Стојановски во вистинско време, спои пет поени, за и тоа како достижни (67:73), на 04:54 минути до крајот.
Ниту тајм-аутот на тренерот на гостите, Јовановиќ не го спречи капитенот на МЗТ Скопје да продолжи со поентирањето, намали и на (69:73) нашиот првак. Но остана без расположениот Вер, кој го ја доби петтата лична грешка, за уште помалку играчки комбинации во финалните 03:17 минути.
Абу се покажа и како добар „пеналџија“, ја симна негативата на уште пониски (73:76). А Дамјан Стојановски одличен шутер за три поени, го донесе толку посакуваното – егал-резултат (76:76) и остави 02:34 за конечен одговор – кој ќе го добие овој натпревар?
А потоа и една. би се рекло, сомнителна судиска одлука, на штета на нашиот шампион, по кои гостите повторно поведоа, (80:78). А по нерезонскиот обид на Кафи, казни, со тројка за победа (83:78), Ерик Грин, најдобриот играч на Будуќност. Шансите како„живи“ ги остави Војдан Стојановски, но Грин и Бел-Хајнс беа „мирни“ од линијата за слободни фрлања, (88:83), потоа и конечните (90:86).
Војдан Стојановски заврши со 20.поени, Абу имаше одличен ефект од 19.поени и 11.скока, Вер даде 16, Дамјан Стојановски 13. поени, додека Крстевски финишираше со десет реализации,
А уште еден претставник на Црна Гора ќе биде ривал на македонскиот шампион во АБА лигата. На 28.јануари во Подгорица, МЗТ Скопје Аеродром и гостува на екипата на Студентски Центар, една од двете (покрај Мега) која „металците“ успеаја да ја совладаат во досегашниот дел од сезоната во Лигата на Јадранот.