30.12.2022

Иако имаа огромни шанси за победа, аеродромци загубија на гостувањето во Загреб со (85:87) по продолжението

АБА ЛИГА: Не оди, па не оди за МЗТ, Цибона поснаодлива во екстра пет минути

Македонскиот шампион го претрпе петтиот пораз во низа во АБА конкуренцијата, и доста  неуспешно ја заврши 2022 година, тимот од Аеродром остана на последната позиција на табелата во регионалното натпреварување.

ЦИБОНА – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ     87:85

Македонскиот шампион вечерва беше најблиску до победа на едно гостување во АБА лигата, но сепак ќе мора да почека уште извесен период за да дојде до триумф на меч кој се игра надвор од Скопје.

Промената на првата тренерска позиција (Драган Николиќ го замени Александар Петровиќ) не донесе инстант резултат, одново „сино-белите“ не беа добри во моменти на одлука, па загуби Поразот добива на „тежина“ ако се земе в предвид дека нашиот тим ја имаше контролата над играта и резултатот во најголем дел од натпреварот.

Во последната четвртина о д регуларниот дел водеше и со седум поени разлика, но немаше завршница.

Претходно, по три минути игра во третата четвртина водеше со (55:46), па (63:56), а на помалку од три минути пред крајот МЗТ имаше и (72:65).

Кога требаше,гостите тешко ги организираа нападите, доволно за Цибона да го искористи тоа за да се врати во игра. На две минути пред крајот беше (72:74), потоа повеќе од една минута немаше кош на двете страни.

Кафи имаше можност да стави точка на толку посакуваниот успех на госѕински терен. Сепак, беше прецизен само еднаш, па Капуста во следниот напад погоди тројка од голема далечина и го израмни резултатот (75:75).

Во преостанатите 18 секунди МЗТ Скопје не успеа да погоди, па мечот отиде во продолжение.

И во екстра периодот МЗТ Скопје водеше со (80:77), потоа и со (83:82), но Цибона одговори со пет поени во низа за водство од четири разлика (87:83). Доминираа Капуста и Мајцуниќ кои постигнаа 10 од 12 поени на Цибона во продолжението.

Во дебито на Драган Николиќ, најефикасен беше токму Кафи со 19 поени, Мичовиќ постигна 17, а Крстевски 13.

МЗТ Скопје го очекува пеколен распоред во јануари, или подобро кажано, во следните пет кола треба да игра игра со Црвена Звезда (дома), Партизан (гости), Будуќност (дома), Цеддевита Олимпија (дома) и гостува кај Студентски Центар во Подгорица.