Има надеж за МЗТ Скопје, има, и тоа каква, по одличната претстава, и уште поважната победа над фаворит каков што несомнено е Цедевита Олимпија, која ја враќа надежта кај „сино-белите“, дека може да дојдат до она што се нарекува опстанок во АБА конкуренцијата.
МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ЦЕДЕВИТА ОЛИМПИЈА 79:74
Кеандре Кук дебитираше пред публиката во СЦ „Јане Сандански“. И одигра одлично на дебито пред скопскиот аудиториум. Откако влезе во игра, го „повлече“ нападот на МЗТ Скопје Аеродром, и бепе творец, подобро кажано иницијаторот на пресвртот кој нашиот шампион го направи на крајот на првата и почетокот на втората четвртина во кој „сино-белите“ го вратија водството кое го имаа во воведните минути на првата.
Поведе домашната екипа со (23:21), ја анулираше негативата која ја имаше пред крајот на првиот период (16:20). Не помогна ниту раниот тајм-аут на тренерот на Цедевита Олимпија, Јурица Големац, затоа што Бурсаќ погоди за три поени, и донесе (26:21), предност која домаќините ја имаа на почетокот на натпреварот. А поентирањето на Абу ја продолжи серијата на „металците“ и на (9-0), за уште повисоки (28:21). „Добредојдена“ за домашниот тим беше и „неспортската“ на Јеремиќ, по која В. Стојановски ги реализираше двете слободни фрлања за уште повиски (30:21).
По четири минути „пост“ прв играч што поентираше за Цедевита Олимпија беше Алибеговиќ. Но младиот крилне играч на екипата од Љубљана не можеше да ја спречи фуриозната игра на аеродромци која во тој дел ја диктираше толку Војдан Стојановски, кој положи (за својот деветти поен) и за највисоки (35:23), по 15 минути игра.
И нов тајм -аут за Големац...
Имаше МЗТ Скопје и уште повисоки (37:23), пред гостите да одговорат со четири поени за (27:37), и го натераат Драган Николиќ да побара една минута за одмор.
Кук беше и играчот кој ја прекина серијата на љубљанчани, и донесе ново двоцифрено водство за нашиот претставник во АБА лигата (40:29). Но во последната минута од првото полувреме „сино-белите“ сепак влегоа со малку пониски (33:40), а полувремето да биде затворено со плус 6 (41:35) за МЗТ Скопје Аеродром.
Доста неефикасен беше воведот во третиот период. Во пет минути, на двете страни од теренот беа реализирани само 15.поени (8-7) за гостите од Љубљана.
Кук и В. Стојановски продолжија да погодуваат, а МЗТ Скопје да го држи водството (50:43) како што беше во 27.минута. Но од другата страна добро парираа Алибеговиќ и Мурич, кои први дојдоа до двоцифрен број на поени. И го донесоа гостинскиот тим до егал резултат (52:52), резултат кој стоеше на семафорот во последната минута од третата четвртина.
Но уште еднаш, ударниот поентерски двоец на МЗТ Скопје, го одби тој напад, и го остави нашиот тим во водство (56:52), по 30.минути игра. На средината на последната, а по забивањето на Аби, МЗТ Скопје имаше и повисоки (64:59).
Но на 3:28 минути пред крајот, со две слободни фрлања, Адамс одновно донесе изразмнување (64:64).
Но големо срце, уште поголем карактер покажаа аеродромци, кога требаше, одиграа најдобро. Патот кон победата го отвори Кафи со тројка го продолжи Аби со ново забивање, за (72:66) на 1:12 минути до крајот.
За прекин на серијата на порази, за трета победа, и огромна самодоверба пред натпреварите кои следуваат. Наредниот е на 10.февруари, во Бар, против екипата на Морнар.