13.04.2020

ACB лигата да продолжи на Канарските Острови, деталите познати на 20. април

Еден ваков предлог им е проследен на клубовите од „Ендеса“лигата...

 

Шпанската кошаркарска ACB лига би можела да биде продолжена на Канарските Острови.

Тоа е една од најреалните опции со оглед на тоа дека на тој простор е забележан најмал број на случаи на заразени со корона вирусот, заклучено е на видео-конференцијата на челниците на лигата која беше реализирана овој викенд.

А конечната одлука би можела да се донесе на следниот „виртуелен состанок“ кој е закажан за 20. април.

И покрај тоа, доколку ова сценарио биде реализирано, мечевите ќе се играат без присуство на публика.

Најголем приоритет е чување на здравјето на сите учесници, а Шпанија, заедно со Италија, е една од најпогодените земји од корона вирусот во Европа, па затоа и сите спортски случувања во оваа земја се крајно деликатни за реализација.

Инаку, блиску до една ваква одлука е и фудбалската федерација на Шпанија која исто така смета дека е можно финишот на сезоната да биде реализиран на овој Архипелаг, на западниот брег на Африка.

Претходно, уште на 16. март, сите 18 екипи од ACB лигата се договорија сезоната да биде запрена до 24. април, па затоа во наредните денови ќе биде познато што ќе се случи со веројатно најсилниот шампионат на Стариот континент каде имаме двајца македонски репрезентативни претставници - Ненад Димитријевиќ кој настапува за екипата на Хувентуд од Бадалона, и Шејн Витингтон кој е дел од екипата на Реал Бетис од Севиља.