23.11.2021

„Шансата ја гледаме во домашните натпревари. Но, ќе одиме да се надигруваме со секоја репрезентација“

Адем Мекиќ: „Кога игра дома, Македонија е секогаш тежок противник“

Адем Мекиќ потенцира дека нашиот национален тим шансата ќе ја бара на домашните средби. Првата од нив во „Г“ квалификациската група од ноемврскиот ФИБА „прозорец“ е против великанот во светската и европската кошарка.

Нашиот репрезентативен бек вели дека за квалитетите кои ги поседува Шпанија не треба да се трошат зборови, но и тоа дека  Македонија нема да се предаде пред време.

„Пред сè, ќе ја бараме шансата во домашните натпревари, затоа што мислам дека ниту една репрезентација не е непобедлива. Сите знаеме која е Шпанија, светски првак и европски шампион во повеќе наврати. Но претпоставувам дека и таа Шпанија ќе дојде со втор состав. Тие ќе имаат сигурно желба да се докажат, но сите знаеме дека Македонија кога игра дома, пред свои навивачи е тежок противник.

Верувам во овој состав, можеме да изненадиме, како што кажав претходно, шансата ја гледаме во домашните натпревари. Но, ќе одиме да се надигруваме со секоја репрезентација и на гости“ - вели Мекиќ, еден од најдобрите поединци во нашиот национален состав на светските претквалификации кои се одржаа во текот на летото, на истото место каде го пречекуваме составот на „црвената фурија“.

Натпреварот помеѓу Македонија и Шпанија се игра на 26. ноември во СЦ „Јане Сандански“, додека три дена подоцна „црвено-жолтите“ гостуваат кај вториот ривал во групата, Украина.