02.08.2025

„Оставивме срце на терен, но го плативме данокот на неискуство“

Адем Мекиќ: „Покажавме борба, енергија, дадовме се од себе, се надевам дека јавноста го препозна тоа“

Резултатски неуспешен почеток на квалификациите имаше нашата најдобра селекција, на премиерата, во Куманово, загубивме од Романија (72:80). Но нашите момци покажаа дека можат да се натпреваруваат, да играат против селекции кои се, евидентно, физички посилни, а таква беќе токму онаа гостинската – романската.

Еден од ретките, поискусни играчи во подмладениот ростер кој на теренот во Куманово го „извади“ селекторот Марјан Илиевски, беше Адем Мекиќ кој има свој коментар за случувањата на средбата во Куманово.

„Тежок натпервар за нас, физички многу напорен. Тие имаа предност од физички аспект, имаа бројни поени од ‘втора шанса’, но мислам дека покажавме борба, енергија. За жал, тоа неискуство го плативме во дадени ситуации, топката не ни беше сојузник кога беше најважно и се тоа придонесе да го загубиме мечот. Секој еден од нас даде 100% од себе, го оставивме срцето на терен, се надевам дека јавноста го препозна тоа и дека наградата за овие добри игри ќе ни дојде во не така далечна иднина“ – коментира Мекиќ, кој го заврши натпреварот со десет поени и седум асистенции.