09.11.2022

„Мора да дадеме 100% и да сме чисти пред себе“- вели повратникот во најдобрата селекција пред дуелите Скандинавците

Адем Мекиќ пред средбата со Норвешка: „Имаме сериозен противник пред нас, треба да ги оправдаме очекувањата и да го одбраниме домашниот терен“!

Адем Мекиќ е одново дел од нашата најдобра селекција. Повредата го спречи да не ги одигра првите два натпревари против Данска, и потоа со Словачка во Скопје.

Во Гевгелија, утре навечер од 19.часот, ќе биде на располагање на нашиот стручен штаб за средбата со Норвешка.  

„Пред се, сакам да напоменам дека по подолга пауза многу ми е мило што сум назад во тимот и во репрезентацијата. Пред нас е очигледно тежок натпревар со делителот на првото место во групата заедно со нас, тимот на Норвешка. Се работи за сериозен тим со брза и сериозна кошарка, со самодоверба и слобода во нападот, предобро воиграна транзиција, но на нас е да ги оправдаме очекувањата и да го одбраниме домашниот терен. За нас е многу важен дуел овој со Норвешка. Спремни сме да го оправдаме, да кажам, донекаде, епитетот на фаворит и на домашен терен. Атмосферата во екипата е одлична и се надевам на победа“.

Не е ништо ново за нашата најдобра селекција, ако се знае дека и на овие два натпревари кои следуваат во Гевгелија, нема да бидеме во комплетен ростер. 

„Вообичаено за нас е да ни фалат играчи, но што е, тука е, нема предавање. Мора да се прилагодиме, сите кои сме тука во моментов, сме најдоброто од Македонија. Мора да дадеме 100% и да сме чисти пред себе. Новиот Американец Ти-Џеј е одличен човек, се вклопи брзо во националниот тим, за неговите играчки квалитети не треба многу да зборуваме, гледаме како тој ја почна оваа сезона во Бундеслигата и како игра во лигата. Сигурно е дека неговите способности ќе ни бидат многу значајни за тимот, посебно во отсуството на Ненад Димитријевиќ“.

За прв пат, по подолго време, нашата најдобра селекција ќе игра квалификациски натпревари надвор од Скопје. Салата „26.април“ ќе биде местото каде утре навечер, а потоа и во недела, против Данска, ќе бараме продолжение на победничката серија од првиот „прозорец“. 

„Македонија е кошаркарска нација, надворешните градови можеби и повеќе се радуваат на вакви натпревари и настани. Сигурен сум дека ќе имаме полна трибина и поддршката многу ќе ни значи“- посакува нашиот репрезентативец.