01.08.2025

„Ова е нова репрезентација, можеме да ветиме борба“- гласи пораката до фановите пред утрешниот меч со Романија

Адем Мекиќ: „Сите сме тука за да го дадеме најдоброто за Македонија“!

По скоро тринеделни подготовки, во најголем дел реализирани во Гевгелија, помал во Скопје, сега и во Куманово, македонските кошаркари се подготвени за новиот предизвик, со подмладен состав да стигнат до победа над Романија на стартот од новиот претквалификациски циклус.

Адем Мекиќ важи како еден од најискусните играчи во нашиот национален тим. Пред новинарите во прес-салата во спортската сала во Куманово, најави добра игра,  и од публиката во салата и од целокупната јавност побара да покаже трпение за овој подмладен состав.

„Нималку лесен противник за нас утре. Но ова е нова слика, една подмладена репрезентација гладна за успех, жедна за победа. Ни недостига искуство, но можеме да го надополниме тоа со максимално ангажирање. Би ја замолил публиката за трпение со овие млади момци. Сите сме тука за да го дадеме најдоброто за Македонија.

Јас искрено сум пресреќен што сум овде и ќе сториме се за еден позитивен резултат, да дадеме најдоброто од себе и да оствариме конекција со нашите навивачи“ – истакна искусниот бек во нашиот сениорски национален тим.