21.02.2024

„Наше е да излеземе на терен и да го дадеме максимумот, верувам во позитивен резултат“ - делува оптимистички нашиот репрезентативец

Адем Мекиќ: „Верувам дека можеме да ги победиме Естонците“

Победнички се враќа Адем Мекиќ во Скопје за да се стави во служба на нашиот репрезентативен колектив. Изминатиот викенд, со својот клуб Задар, стигна до првиот трофеј во оваа сезона – Купот на Хрватска, па по кратко одмор, веќе е на тренинг со „црвено-жолтите“.

Нашето крило ги знае квалитетите на првиот противник во квалификациите за Евробаскетот 2025. И верува дека Македонија пред своите навивачи во петок навечер од 19.часот, во СРЦ „Кале“ предводена од поискусните играчи ќе дојде до триумф против тимот од Балтикот:

„Естонија е репрезентација што добро ја познаваме и на која и ја препуштаме фаворитската улога. Главна одлика им е агресивноста во играта, инсистираат на брза кошарка и мислам дека во последните години играат феноменална кошарка.

Сепак, ние сме домаќини, играме пред нашите навивачи. Имаме релативно млада селекција надополнета со искусни и квалитетни кошаркари. Наше е да излеземе на терен и да го дадеме максимумот, верувам во позитивен резултат. Имаме врвни играчи како Димитријевиќ, Војдан и Дамјан Стојановски, потоа Бојан Крстевски кои имаат енормно големо искуство и квалитет, надополнети со нашата релативна младост и знаење, така што се надевам на добра игра и позитивен резултат за нас“ -  вели Мекиќ.