Не може да биде задоволен селекторот на нашата женска сениорска репрезентација Александар Ашаданов за прикажаното од неговиот избран тим на вториот по ред домашен натпревар, оној против репрезентацијата на Португалија.
Практично се покажа, по втор пат за кратко време, дека овој играчки ростер кој го има на располагање, не е доволен за некои „големи дела“.
И дека во овој момент, селекции кои се дел од нашата група „Г“ во евро-квалификациите располагаат со далеку подобри ростери од оној кој го има на располагање Ашаданов.
Доказ плус беа и последните 40.минути кои нашата женска селекција ги одигра во овие квалификации. Наредните две, против Србија и Украина ќе ги играме на гостински терен.
„Честитки за противникот, покажаа дека имаат поквалитетна екипа од нашата, го потврдија тоа и на теренот, кој е единственото место за мерење на квалитетите. Искрен да бидам, очекував подобри минути од нас, да бидеме што е можно поконкуретни. Но евидентно е дека ни треба доста повеќе за да биде така со физички посилни репрезентации какви што се и Украина и Португалија. Имавме 23. изгубени топки, тоа е премногу. На нас останува во периодот што следи да направиме некои промени доколку сакаме да фатиме приклучок со останатите репрезентации“ – констатира селекторот на нашиот најдобар женски национален тим.