Женската сениорска репрезентација вечерва во СРЦ „Кале“загуби од Србија, топ-фаворитот во нашата група „Г“ од квалификациите за ЕП во 2025 година.
Но убедливиот пораз не носи и разочарување во нашата селекција, како кај селекторот Александар Ашаданов, така и кај неговиот избран тим.
За предводникот на нашата сениорска селекција, Србија ја оправда улогата на фаворит, но им честита на своите избранички за прикажаното против еден од најквалитетните тимови кои во последно време гостувале во нашиот главен град:
„Најпрво, честитки за ривалот… Несомнено, квалитетот на екипата на Србија кој е доста висок, го покажа во овој циклус на првите два меча, и вечерва против нас и пред некој ден, против Украина. Истовремено, сакам да им се заблагодарам и на кошаркарките затоа што без разлика на резултатот, се бореа од почеток до крај. Иако уште од стартот на мечот бевме во минус од дваесет поени, сите кои беа на терен играа максимално и прикажаа борбеност“- искоментира Ашаданов на прес-конференцијата по завршувањето на натпреварот во СРЦ „Кале“
Веќе втор пат, во рок од само неколку дена, Илина Селцова покажа дека покрај водечкиот двоец Митрашиновиќ-Хемпе, секако и неиграњето на Александра Стојановска, во скоро време ќе биде и еден од тие носители во играта на оваа наша репрезентативна селекција:
„Би сакала да им честитам на Србинките за победата. Очекувавме ваква игра и ваков натпревар, затоа што, сепак, Србија е репрезентација со поголем квалитет од нас. Се надеваме на подобри резултати во иднина. Нашите цели остануваат исти како и на почетокот од овие квалификации. Да се обидеме да направиме некоја победа, тоа ќе биде сатисфакција за вложениот труд. Извесно е дека ни треба повеќе време да бидеме заедно, и да ја унапредиме нашата игра зе мечевите кои следуваат во иднина“.