10.04.2018

Александар Давидов дел од официјалните лица на F4 на Балканската БИБЛ лига

Претстојниот викенд (14. и 15. април) ќе се одржи завршниот F4 турнир во рамки на Балканската БИБЛ лига на кој четири екипи ќе земат учество. Новајлијата во македонската кошаркарска елита, Блокотехна, успеа во својата премиерна сезона во оваа лига, да стигне до завршницата па така во рамки на првото полуфинале ќе се пресмета со Левски Лукоил (15:00 часот, локално време). Во рамки на второто полуфинале Рилски Спортист ќе си ги одмери силите со Башкими (18:30 локално време. Натпреварите ќе бидат одиграни во Самоков Арена. Натпреварот за трето место ќе се одигра в недела (15. април) со почеток во 15:00 часот, финалето е закажано за три часа подоцна.

Македонски арбитри ја делеа правдата на голем број на натпревари во оваа лига во текот на регуларниот дел од сезоната, а еден од нив ја доби и довербата да биде дел од шесте избрани официјални лица за F4 турнирот.

Судијата Александар Давидов, кој оваа година ја бележи и својата единаесетта како кошаркарски судија, прва како судија со ФИБА значка, е избраниот арбитар за претстојниот Final Four турнир. Тој во својата кариера, покрај натпревари од домашните првенства (Прва лига за првпат суди во 2013 година), регуларни, Куп и пријателски турнири организирани во границите на Републиката (Трофеј Македонија), бил дел и од U16 неофицијално Светско првенство во Сакарија 2014 година, U16 Балканијада 2015 година во Романија. Минатата година токму Давидов беше и судијата кој ја делеше правдата на првиот воопшто FIBA Endorsed турнир организиран в Скопје. 

Заедно со Давидов на натпреварите правдата ќе ја делат и Ервин Кочи, Јоргос Пурсанидис, Димитриос Битис, Даут Мехмети и Огњен Јокиќ.