23.02.2024

„Го контролиравме мечот во првото полувреме, но на стартот од третата четвртина го свртеа резултатот во своја корист со добра одбрана“

АЛЕКСАНДАР ЈОНЧЕВСКИ: „Момците покажаа одлична енергија, негативата од пет поени ни дава наде дека имаме шанси“

Македонската сениорска репрезентација со пораз од Естонија го започна новиот квалификациски циклус, за пласман на наредниот Евробаскет во 2025 година.

Естонија уште еднаш се покажа како доста незгоден противник, и ги однесе бодовите на Балтикот со триумфот од (74:69), во полното гледалиште на СРЦ „Кале“ во Скопје.

Секако, за разочарување кај селекторот на нашиот национален тим, Александар Јончевски:  

„Имавме многу добро прво полувреме, го контролиравме мечот, но на стартот од третата четвртина го свртеа резултатот во своја полза со цврста одбрана и многу контакт во одбраната. Со офанзивните скокови ни создадоа проблеми, ги контролираа и своите промашувања добивајќи втора шанса. Им реков на момците, покажаа одлична енергија, воопшто не беше како претходниот дуел со Естонија на нивни терен. Негативата од пет поени ни дава надеж дека се уште имаме шанси да се вратиме, тоа не е преголема разлика, особено ако се знае дека следниот февруари во тимот ќе го имаме и Андреј Јакимовски, кој одлично напредува во Вашингтон Стејт и е еден од главните играчи во својата екипа“ - истакна македонскиот селектор на прес-конференцијата по натпреварот.

Она што особено радува дефинитивно е прекрасниот амбиент кој беше креиран на премиерниот меч од квалификациите за ЕП.

Нашите најдобри кошаркари ги дочека едно полно „Кале“, но за жал оние близу 2.000 луѓе не дочекаа и победа на „црвено-жолтите“.

„Искрено жалам што оваа публика не дочека радост од нас, заедно да славиме победа. Ме радува што имаше голем број на гледачи, многу млади лица, тоа ме радува затоа што желбата да се види Македонија на дело е ретка во последно време, но овојпат салата се исполни до последно место. Жалам што не победува, но имаше позитивна енергија и дека оваа селекција може да донесе радост во иднина“ - истакна Јончевски.