26.02.2023

„Честитки до сите кои дојдоа и го дадоа својот максимум“ - вели селекторот по верификацијата на првото место во претквалификациите

Александар Јончевски по пласманот во квалификациите: „Сакавме, и сами си ја завршивме работата“!

Македонија ја оствари планираната цел. Вечерва, со победата над Норвешка, повеќе од убедлива (79:41), и скор од пет победи и еден пораз, нашата најдобра селекција ги заврши претквалификациите како број 1 во групата „Д“, и обезбеди место меѓу 32 репрезентации кои од есен ќе ги почнат битките за местата кои водат на Евробаскетот кој ќе се игра во 2025 година.

Селекторот Александар Јончевски, се разбира, е презадоволен од прикажаното на мечот во Арената „Нордстранд“ во Осло:

„Морам да напоменам дека нашиот состанок пред овој меч почна додека Данска водеше со шест поени. Но реков дека тоа нас воопшто нас не нè интересира. Дека сакаме самите да си ја завршиме работата. Сакавме да ја повториме онаа наша добраа игра против Норвешка во Гевгелија. И не, никако не бевме обесхрабрени по неуспехот пред некоја вечер во Левице. Пред се, затоа што сепак и против Словачка имавме добра игра, игравме со доста енергија во нападот, креиравме доста отворени шутеви, кои за жал не ги погодивме. Од друга страна, тие погодија доста потешки обиди за три поени, и затоа победија.

Затоа пак мотивацијата на сите нас овде во Осло, беше на ниво, без оглед на тоа што притисокот дополнително се зголеми со драматичната победа на Словачка во Данска. Секако, одговоривме на поставените задачи, посебно во одбрана, би се рекло, и скоро идентично, повторено издание како пред некој месец во Гевгелија“.

Се чини дека, за разлика од пред некоја вечер, во Осло многу дилеми симна нашето одлично отворање на средбата со Норвешка.

„Мислам дека е така. Практично од првата топка, отворивме одлично и потоа полека, како поминуваше времето, само ја зголемувавме не само разликата, туку многу повеќе ја билдавме самодвербата, а со тоа полесно го донесовме натпреварот до самиот крај“.

Посебна честитка следува до играчите, но и до целиот стручен штаб.

„Сакам да им упатам честитки на сите играчи кои дојдоа, кои влегоа во игра, и го дадоа својот максимум, што дадоа се од себе, играа на високо ниво без оглед на водството од 30 поени, одигравме до последна секунда.

Не двоиме некој, без оглед кој колку играше, одигра баш професионално, и честитки до нив, и до целиот стручен штаб, кој имаше одличен скаутинг и за овој меч, одлучувачки во секој поглед“- искоментира селекторот Јончевски по средбата во Осло.