28.08.2022

„Им честитам на момците што во овој циклус дојдоа до две многу важни победи во ситуација во која од четири тима, само еден оди понатаму“

Александар Јончевски по победата над Словачка: „Работата ни од далеку не е завршена, пред нас се уште два тешки циклуси“

Има причини за задоволство кај селекторот Александар Јончевски. Најмногу поради реализираната победа над Словачка на домашен терен. Втора за нашата најдобра селекција на почетокот од претквалификациите.

Извојувана потешко од предвидувањата по оној стартен успех во Данска кој донесе нови, дополнителни мотиви во нашиот национален тим пред вечерашниот дуел со Словачка.

„Пред се, ова беше многу тежок натпревар. Заморот можеби во нашата екипа повеќе се чувствуваше на стартот, затоа што имавме многу загубени топки. Нешто кое го договаравме да го спроведеме со Данска, тоа е да го минимизираме бројот на загубени топки, не успеавме. Загубивме девет топки до полувреме, тоа нè чинеше многу примени поени од транзиција и тоа не можевме да го надминеме во вториот дел.

Им честитам на момците што во овој циклус дојдоа до две многу важни победи во ситуација во која од четири тима, само еден оди понатаму. Меѓутоа, работата не е завршена затоа што и Норвешка е со ист статус како со нас. Ни претстојат уште два тешки циклуса“.

Јончевски се „враќа“ и на случувањата на паркетот во СРЦ „Кале“...

„Што се однесува до самиот овој натпревар, Словачка без разлика што имаше загубено дома од Норвешка, влезе доста мотивирана. Погодија 46% за три поени. Пробавме да ја смениме одбраната на полувреме, нешто функцонираше, ама не во целосна слика. На крајот среќен сум затоа што победивме, триумф за кој најзаслужни се играчите“- анализира Јончевски по вториот успех во овој августовски дел од претквалификациите.