Александар Јончевски и неговиот оизбран тим не успеаја во обидите да ја продолжат серијата на победи реализирана во првите два ФИБА „прозорци“.
Вечерва, на гостувањето во Левице, Словачка беше подобар ривал. Победи со (82:73), што го означи и првиот пораз на нашите сениори во овој втор круг од претквалификациите за Евробаскетот 2025.
„На крајот на натпреварот, некако се се сведе на оној момент , кога при негатива од седум не успеавме да ја намалиме на потребните четири. Секако, многу порано го испуштивме чекорот со кој требаше да одиме кон успех, многу порано, на крајот на втора и цела трета четвртина“- вели селекторот по првата загуба во претквалификациите.
Јончевски смета дека не го отворивме мечот во Левице како што треба, но и покрај тоа, дојдовме до предност во средишниот дел на првото полувреме.
„Факт е дека лошо го отворивме натпреварот, но и тоа дека некако се вративме во игра, и да поведеме. Меѓутоа од една непромислена, намерна лична грешка, во еден посед примивме дури шест поени, доволно Словачка да го врати водството. Во третата четвртина, не игравме така лошо, креиравме и имавме пет-шест отворени шутеви, но не ги искористивме, а Словачка нè казни преку расположениот Крајчовиќ, потоа и Бродзијански.
Во последната четвртина, пробавме да смениме нешто во одбраната, да играме со ‘преземање’, и успеавме таа негатива да ја намалиме на едноцифрена. Но неколку одлуки, очигледни прекршоци, влијаеа на нашата концентрација. Со неуедначен критериум при досудување на личните грешки, во кој на наши реакции добивме две технички грешки, на клупа и на тренер, Словаците повторно ја преземаа контролата и успеаја да го одбранат тој наш последен обид да стигнеме. Останува да анализираме, онака, што се вели со ладни глави, и да одиме понатаму, кон Осло. Се заедно гледано, овде во Левице, имавме свои шанси кои не успеавме да ги реализираме“- дополни Јончевски по 40 одиграни минути во Левице.
По шест одиграни кола, Македонија останува прва на табелата во групата „Д“, сега со ефект од четири победи и еден пораз, пред Словачка која заостанува една победа (3-1), и која во последниот круг на натпреварите има гостување во Данска.
Ние пак во недела, од 18.часот, и гостуваме на Норвешка, и во Осло ќе го затвориме патот во овие претквалификации.