08.08.2023

„Системот каде една репрезентација е веќе домаќин, и го има обезбедено учеството во завршниот дел, е тотално непопуларен“

Александар Јончевски по ждрепката во Минхен: „Се надевам дека квалификациите ќе ги (од)играме во комплетен состав“

Македонија во група со Литванија, Полска и Естонија, тоа е исходот на денешната ждрепка во Минхен со која беа одредени осумте натпреварувачки групи преку кои ќе се стигне до 24. најдобри, и кои ќе бидат учесници на наредниор Евробаскет во 2025 година.

Доволно за коментар на предводникот на „црвено-жолтите“, Александар Јончевски.

„Реално не бевме многу оптоварени со ждрепката и кои репрезентации ќе ни бидат противници. Откако ги видовме групите, јасно ни беше дека ќе бидеме со три подоброрангирани репрезентации и дека шансите ќе ги бараме против следната подобро рангирана, во овој случај Естонија. Системот каде една репрезентација е веќе домаќин, и го има обезбедено учеството во завршниот дел е тотално непопуларен. Таква беше ситуацијата и во претходните квалификаци, па ни е добро позната. И верувам дека тоа овој пат ќе го искористиме во наша полза“.

Околу противниците...

„Естонија ни е должник од тогаш, а секако ќе ги измериме силите и на претстојниот турнир во Талин каде што ќе бидат домаќини.

Литванија е секако главен фаворит, а и Полска која беше четвртта на последното Европско првенство, и згора на тоа имаат и одлична генерација. Единствено на кое се надеваме е да се појавиме во комплетен состав на сите ФИБА ‘прозори’ кои претстојат низ квалификациите, каде секој натпревар би бил одлучувачки“- дополнува Јончевски по дознавањето на имињата на ривалите во наредниот квалификациски циклус.