Александар Јончевски, очекувано, беше презадоволен од крајниот епилог на дуелот во Нествед. За прв пат на еден официјален меч како селектор на Македонија, оствари многу важна победа.
Но предводникот на нашата најдобра селекција, доста смирено, по инфарктната завршница во Нествед, прво го потенцира сработеното во изминатиот период
„Работевме три недели за ова, од првиот ден од подготовките се спремавме само за овој меч за Данска. Од оние индивидуални карактеристики па се до најситните детали за противникот.
Така и функциониравме на овој натпревар. Гледано индивидуално, во првото полувреме му дозволивме на нивниот прв поентер Љунберг да има само два поени реализирани во самиот финиш. Знаевме дека во второто полувреме повеќе ќе напаѓаат преку него, дека ќе биде ‘гладен за кошеви’. Колку можевме, на крајот кажува статистиката.
Морам да напоменам и то дека многу голем дел од договарањето за тимска одбрана го спроведувавме одлично и во двата дела од играта. Да удвојуваме на низок пост, удвојување, сите барани детали ги реализиравме.
Нормално имавме и грешки, но верувам дека во деновите кои следуваат ќе ги поправиме. Со моите соработници ќе ги анализираме за што поспремни да го дочекаме неделниот натпревар со Словачка.
Победата ја забораваме, што би се рекло, во секунда. Тоа веќе им го реков на играчите во соблекувалната, затоа што се ќе биде залудно, сиот овој труд вложен овде, ако не ја победиме Словачка во Скопје, славењето, макар и скромно, ќе биде во Нествед, и ќе биде доволно. Нè чека уште многу работа“- коментира Јончевски во победата над Данска.