Машката сениорска репрезентација на Македонија, вечерва, со првиот тренинг во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, ги стартуваше подготовките за настап на претквалификацискиот олимписки турнир кој од 12. до 20. август ќе се одржи во Талин, односно во Гљивице (втората фаза).
Селекторот Александар Јончевски има свои очекувања во пресрет на она што следува во наредниот период:
„Имаме тринеделни подготовки. Ќе се подготвуваме во Скопје и закажавме две ‘контроли’ со Полска во Белград, единствени дуели на кои би можеле да видиме до каде сме. Првата недела ќе бидеме некомплетни бидејќи ќе отсуствуваат играчите што имаат обврски кон своите нови клубови како лекарски прегледи и слично. Но верувам дека од идната недела ќе бидеме комплетни.
Имаше откажувања, неделава имавме уште неколку непланирани, но тие играчи кои ќе се јават во овој циклус, се надевам дека ќе ја искористат шансата. Крстевски нема да игра од приватни причини, се повредија Митревски, Мекиќ и Мемед, а последниот што го одби повикот е Андреј Јакимовски од кого јас се уште не сум се откажал. Сметам дека во разговор со неговиот тренер во Вашингтон Стејт, можеме да најдеме решение и тој да се најде на конечниот список на кошаркари“- објаснува селекторот.
Пред нашиот сениорски тим е еден голем предизвик, настап на претквалификацискиот олимписки турнир во Талин...
„Последен пат Македонија се натпреваруваше на ваков предолимписки турнир во 2012 година, паметам, бидејќи и тогаш бев дел од стручниот штаб на репрезентацијата.
Многу тешко натпреварување, со оглед на тоа што само 12 селекции ќе се пласираат на Олимписките игри, но добра можност да ги одмериме силите со посилни ривали со кои можеби ќе играме и во квалификациите за Европското првенство.
А овие претквалификации ќе ни бидат мерило до каде сме, бидејќи главна цел ни е пласман на Европското првенство во 2025 година. Сега ќе можеме да спарингуваме со вистински противници кои ќе ни бидат конкуренција во квалификациите за континенталниот шампионат“ – потенцира Јончевски.