Одлично „време на поминување“ има кадетската репрезентација на Македонија ако „се мери“ стартот на шампионатот во Скопје.
Два натпревари, две победи, особено важна онаа, макар и минимална, извојувана во дуелот со конкурентот за место кое води во четвртфиналето – Шведска.
Два бода за кои нашите млади кошаркари требаше да „работат“ уште пет минути, во кои на крајот излегоа како победници, што секако, донесе задоволство во нашиот стручен штаб предводен од Александар Јованчев.
„Задоволни сме од конечниот исход што е и најбитно во моментов. Со агресивна одбрана успеавме да го затвориме нивниот најдобар играч и да го задржиме на само четири поени“.
Јованчев ги „запишал“ и грешките присутни во играта на нашиот тим:
„Апсолутно потфрливме во скок-играта. Дозволивме противникот да има 24 офанзивни скокови или вкупно плус 21. И тоа е нешто што не смее да се повтори. Знаевме дека Шведска добро го покрива рекетот и креиравме отворени шутеви за три поени, но не успеавме да влеземе во шутерски ритам. Освен тоа, реализиравме само 57% од слободните фрлања што е уште еден податок кој кажува дека имавме лош шутерски ден. Како и да е екипата покажа победнички карактер се одбрани и погоди кога највеќе требаше“ – дополнува селекторот по „минималецот“ против Шведска.
Загубената енергија во оние дополнителни и драматични пет минути нашиот национален тим „Под 16“ години ќе ги надполони во текот на денот – слободен за сите 22. национални селекции учесници на ЕП.
А веќе во понеделник, во истиот термин, во 18.30 часот, на истото место, СРЦ „Кале“ следува уште еден исклучително важен меч за македонските кадети. Оној против репрезентацијата на Естонија, која има идентичен ефект како и нашата, и која според Јованчев, ја има улогата на фаворит:
„Следува ден одмор и уште еден тежок натпревар со Естонија која е апсолутен фаворит во оваа можеби и најтешка група на првенството“.