01.08.2023

„Се надевам дека до првиот натпревар со Белгија ќе бидеме воиграни и комплетни“ - вели селекторот на кадетите

Александар Јованчев по турнирот во Скопје:„Видовме како е да се игра со најдобрите, да се подготвиме најдобро што можеме за ЕП“

Машката кадетска репрезентација на Македонија е во финалната фаза од подготовките за настап на ЕП од Дивизијата „А“ кое стартува на 5. август, во нашиот главен град.

А изминатиот викенд, макар и „продолжен“ во плановите на стручниот тим предводен од селекторот Александар Јованчев беше одигрување на три контролни натпревари, со екипи кои ќе бидат дел од кадетскиот Евробаскет во Скопје.  

„Во завршниот дел од подготовките одигравме силен турнир во Скопје. Од трите одиграни натпревари бевме рамноправен противник само во натпреварот со Израел. Претрпевме високи порази од селекциите на Шпанија и Грција. Добро е што имавме можност да видиме како е да се игра со најдобрите и да научиме каков пристап треба да имаме на Европското првенство доколку сакаме да ја оствариме целта“ – коментира Јованчев.

За нашата селекција „Под 16“ години останува неполна седмица до почетокот на Европското првенство за кошаркари родени 2007 година (и помлади). Период во кој треба да се најде потребната форма со која нашиот кадетски тим ќе тргне во реализација на поставените цели на првенството во Скопје.

„Се надевам дека во овие преостанати неколку дена ќе бидеме комплетни. И дека ќе имаме доволно време да се воиграме пред натпреварот со Белгија, првиот на шампионатот“- дополнува предводникот на оваа наша репрезентативна селекција.

РЕЗУЛТАТИ

1.КОЛО

Македонија – Израел     63:65

2.КОЛО

Грција – Македонија      91:52

Израел – Шпанија            58:81

3. КОЛО

Македонија – Шпанија  58:113

Грција – Израел    74:79

4.КОЛО

Шпанија – Грција  82:61