Прв натпревар, одлична игра, и прва победа...
Во кратко тоа е описот на триумфот на машката кадетска репрезентација на Македонија на мечот против Украина во рамките од првото коло од групата „Д“ на ЕП од Дивизијата „Б“ кое стартуваше вччера во Скопје.
Убедлив триумф, и игра која го радува предводникот на оваа селекција, Александар Јованчев, кој потенцира еден и тоа како битен сегмент во играта на неговите избраници.
„Одличен старт на првенството. Договорот беше уште од почетокот на пристапиме со агресивна игра и постојано да вршиме притисок на нивните бекови. Агресивноста во одбрaната ни донесе 20 освоени топки, како и 29 загубени топки на противникот. Одбраната секогаш го подига тимскиот дух , кој пак во нападот донесе 24 асистенции. Наметнавме наш ритам кој противникот тешко го пратеше“- анализира Јованчев.
Но практично овој прв успех веднаш преминува во „архивата“ ако се знае дека по еден слободен ден, нашите млади кошаркари имаат уште многу „работа“, а како нов предизивк се појавува Шведска која имаше импресивен почеток на шампионатот, забележувајќи сигурен, убедлив триумф во дуелот со Австрија.
„Ова е само почеток и треба да останеме фокусирани. Ни следува тежок натпревар со Шведска. Судејќи според физичкиот изглед и информациите за играчите кои што ги имаме, дефинитивно Шведска е фаворит на следниот натпревар. Ќе дадеме се од себе да ги одбраниме боите на националниот дрес“- порачува селекторот по првиот успех на првенството, и пред она што следува утре навечер во СРЦ „Кале“, дуелот со селекцијата на Шведска закажан за 18.30 часот.
РЕЗУЛТАТИ И РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ ВО ГРУПА „Д“
ПРВО КОЛО
Украина – МАКЕДОНИЈА 68:96
Австрија – Шведска 73:100
Естонија – слободна
ТАБЕЛА
1.МАКЕДОНИЈА 1 1 0 96:68 2
2. Шведска 1 1 0 100:73 2
3. Австрија 1 0 1 73:100 1
4.Украина 1 0 1 68:96 1
Естонија - - - - -
9.АВГУСТ (ПЕТОК)
16.00: Естонија - Австрија
18.30: Шведска – Украина
МАКЕДОНИЈА - слободна