Само уште еден натпревар, оној против селекцијата на Унгарија, вечерва од 19.часот, во СРЦ „Кале“ е пред нашиот кадетски национален тим. Пет победи во шест натпревари е досегашниот биланс на „црвено-жолтите“, за жал, тоа не е доволно да се бориме за некој од медалите и промоција во „А“ Дивизијата, туку за битка за освојување на деветтото место на шампионатот во Скопје.
Како што и најави пред почетокот на вториот дел од ЕП, селекторот Јованчев, нашите млади кошаркари продолжија со победите. Пред нивните налети „падна“ и Португалија, иако оние минимални (70:68) и не даваат реален однос на работите, односно на случувањата на теренот во текот на 40.минути.
„Уште еден натпревар и уште една победа. Презадоволен сум што и покрај големата разочараност, играчите го почитуваат националниот дрес и сакаат да победат на сите останати натпревари“- вели кратко селекторот после новиот успешен настап на нашите кадети.
Вечерва следува последниот предизвик на првенството, дуелот против селекцијата на Унгарија?
„Ни следува последниот натпревар, денеска против Унгарија. Ќе дадеме се од себе да завршиме со уште една победа и уште еднаш да докажеме дека заслуживме повеќе“- порачува Јованчев пред овој последен натпревар на првенството.