Александар Јованчев, актуелен шеф на стручниот штаб на екипата на Вардар од Скопје ќе биде дел од нашиот национален тим за овој квалификациски циклус, и тоа во улога на асистент-тренер.
Со оглед на тоа дека Никола Василев пред извесно време доби нов работен ангажман во Полска, во моментов не може да одговори на репрезентативниот повик, и неговото место во стручниот тим, покрај селекторот Јончевски и асистент-тренерот Никола Велев, ќе биде и актуелниот селектор на нашата машка кадетска репрезентација.
На првиот собир во СРЦ „Кале“, селекторот Јончевски откри дека македонската репрезентација ќе биде далеку ослабена бидејќи покрај тоа што нема да може да смета на услугите на лидерот од претходниот ФИБА „прозорец“ Ненад Димитријевиќ поради клупските обврски, дел од составот нема да биде ниту Андреј Магдевски.
Бекот на МЗТ Скопје ќе го пропушти овој натпревар поради повреда, а медицинскиот тим ќе се обиде да му помогне да ја надмине повредата за втората средба.
„Имавме разговор со Магдевски. За жал нема да настапи на првиот натпревар. Медицинскиот тим ќе се обиде да го приспособи да биде дел од екипата на вториот натпревар“ - изјави селекторот Јончевски.
Изборот за натурализиран играч падна на Итан Хап, но и тој нема да биде дел од „црвено-жолтиот“ состав. Крилниот центар ќе пристигне во Скопје денеска, а се очекува да биде дел од составот за вториот меч во Литванија.